Категории

ЗОО Скопје руши нови рекорди: Околу 18.000 посетители присуствуваа на првоаприлскиот маскенбал!

Вчера, на 31. март, се одржа првоаприлскиот маскенбал во ЗОО Скопје, а воедно се постигна нов рекорд во посетеност кој ја достигнува бројката до 18.000 посетители. Како што велат од Зоолошка, со доаѓањето на Коко шимпанзото кој се лекуваше од депресија во Холандија како и другите нови животни, се очекува посетеноста да достигне и до 20.000. За најмладите посетители, вчера беа поделени 15.000 кроасани за уште поголема енергија при забавата под маски.

 

„Коко се враќа во Скопје кон почетокот на мај. Изградбата на живеалиштето кое е според најсовремените стандарди на Европската асоцијација на зоолошки градини (ЕАЗА) е при крај. Очекуваме денешниот рекорд од 18.000 посетители да го срушиме со големиот хепенинг кој ќе го правиме за враќањето на Коко во Скопје. Со Коко ќе дојдат уште три шимпанза, две женки и еден мажјак, со кои изминативе години се дружи во Холандија“, вели директорот на Зоолошката градина Ѓорѓи Галетановски.

За најмладите посетители, вчера беа поделени 15.000 кроасанни, а покрај овој настан во Зоолошката градина деновиве заврши и чистењето на големото езеро, кое 13 години не било исчистено. На брегот на езерото поставен е т.е. брод на радоста, во должина од 10 метри, а широчина од 5 метри. Бродот е опремен со јарболи, лизгалки и играчки, каде децата ќе може бесплатно да се забавуваат.

„Наскоро во Зоолошката градина ќе биде отворен паркот на диносауруси, а очекуваме да пристигнат и фламинга, зебри и морски лав девојка за Кан. Апелирам до посетителите да не ги хранат животните, тие имаат посебна програма и режим на исхрана. Низ целата градина поставивме табли на кои информираме дека хранењето е строго забрането. Но, и покрај тоа дел од посетителите ги хранат животните“, вели Галетановски.

Билетот за влез во Зоолошката градина е 50 денари.