Категории

Зошто ги славиме Светите Кирил и Методиј?

Големите македонски и сесловенски просветители Светите браќа Кирил и Методиј се основоположници на словенската писменост и литература и се заслужни за културниот развој на сите словенски народи. Иако имаат и посебни празници на денот на нивното упокојување, тие имаат и заеднички празник на 24/11 мај. Поради нивните заслуги за христијанството Светата црква ги прогласила за рамни на апостолите.

Кои се Светите Кирил и Методиј? – Тие се еден владика и еден калуѓер: Кирил бил монах, а Методиј епископ и архиепископ. И двајцата биле многу учени луѓе. Вброени се меѓу најучените во цела Византиска империја.

Нивното потекло било од Македонија. Тие го познавале својот народ и мајчиниот јазик. Затоа, на тој јазик го создале и првото писмо, азбуката и ги поставиле правилата за пишување.

Зошто создале азбука и писмо? Браќата го направиле тоа, со мисла за подобро да ја исполнат својата желба, а нивната желба била да Му служат на Бога, проповедајќи го Неговото спасително учење меѓу својот народ и тоа, на разбирлив народен јазик и писмо. Само така може да се објасни и да се сфати делото што го правеле овие Свети мажи.

И прво нешто што напишале со новите букви било Евангелието. Тие го превеле Светото писмо на мајчин јазик, на старомакедонскиот словенски јазик со македонско наречје. А по Библијата, ги превеле и богослужбените книги, за да воведат богослужби на словенски јазик и да го зајакнуваат народниот дух на словенскиот род.

Кон тоа можел да ги повлече само патриотизмот, како родољубиви Словени. Дека, пак, Светите Кирил и Методиј својата родна земја Македонија ја чувствувале како своја татковина, а Македонците за свој род, говорат и текстовите од Службата на Свети Методиј, во која се вели дека „остави род и татковина“ и замина да живее со „светите отци“.

Константин или со монашкото име Кирил, поради големата ученост бил наречен филозоф, а станал и учител во тогаш најпознатата Магнаурска школа во Цариград, а царицата кај него го дала на школување царскиот син.

Тој високо се издигнал и во богомудрието. Затоа бил назначен и за библиотекар на Патријаршијата во Цариград, што подразбира хартофилакс, односно доверлив секретар на патријархот, со големи права и овластувања. Што би значело, уста и рака на патријархот. Знаел многу јазици: грчки, латински, словенски, еврејски, самарјански и други.