Категории

Зошто им е тешко на младите луѓе да се сакаат во денешно време?

Одговорот на ова болно и сѐ почесто прашање кое си го поставуваме себеси го дал своевремено истакнатиот лекар, невропсихијатар, психотерапевт и книжевник, Владе Јеротиќ. Во книгата „За љубовта“, Владе Јеротиќ пишува за тоа зошто на луѓето им е тешко денес да се сакаат. 

„Еве го можниот, прв одговор на болното и сѐ почесто поставено прашање на денешницата: зошто им е тешко на луѓето да се сакаат? Одговорот гласи: едноставно затоа што не биле сакани! Ако е точно – што го потврдуваат поголемиот дел од психолозите денес – дека детето е ум кој „впива“, што значи дека главните одлики на идниот карактер се образуваат најдоцна до крајот на петтата година од животот на детето, тогаш она што одлучува за идниот еротско-сексуален однос на човекот е тоа дали и колку бил сакан од едниот или (за среќа) двајцата родители.

Се разбира дека главниот услов е родителите да го засакаат своето дете, нивниот сопствен однос во љубовта. Честите несогласувања во бракот, отворените кавги и прељуби, агресивната потреба на едниот или другиот брачен партнер да владее со оној другиот – „Ако ме сакаш, исполнувај ја мојата волја“ – отвореното уценување на децата, како и невидливата или видлива борба на партнерот околу придобивање на детето за себе и на крај (или уште на почеток на бракот, кога се родило детето) завршување на бракот – како од целиот овој емотивен и когнитивен хаос меѓу родителите, да го научите детето да сака! Кого да сака? Веројатно најпрво своите родители, а потоа во текот на животот и брачниот партнер, пријателите, својот народ, својата професија.

Се плашам дека поголемиот дел од младите во западниот свет (како и кај нас) емотивно се до таа мера незрели што добиваат патолошка потреба за некоја зависност (алкохол, дрога, таблети, телевизија, интернет, храна, премногу работа, сексуално менување на партнери без љубов, пари, потреба за диктатура итн.) што речиси во потполност ја заменуваат потребата од борба за независност. Еден од главните стравови на младите денес е емотивниот страв од врзување за партнерот од спротивниот пол.

Зошто е тоа така? Честа причина за тоа е трагичното искуство на младите со сопствените родители, најпрво вљубеноста и емотивната поврзаност еден со друг и потоа губењето на вљубеноста (која не преминала во љубов) завршување на бракот, честопати во меѓусебна омраза. Наместо, природно врзување, а потоа и природна зависност од партнерот, патолошката зависност се пренесува на погрешни и опасни објекти, како што се веќе споменатите, дрога, алкохол и слично.

Интелигентните млади луѓе воочуваат и уште нешто во брачните односи на своите родители: агресивната желба за владеење и покорување на оној другиот партнер, но потоа и на детето! Зошто тогаш младите луѓе воопшто би стапувале во брак ако им се заканува опасност од погрешно емотивно врзување (со можност за разочарување од преголемите очекувања, кои можат да доведат до депресија и самоубиства, но и осветољубивост), а потоа и ропска зависност од „посилниот“ во бракот!