Категории

Зошто социјалното претприемништво е повеќе од бизнис?

Социјалното претприемништво како појава од исклучителна важност во секојдневието се повеќе привлекува внимание, но што е тоа што го прави овој бизнис повеќе од бизнис?

Социјалното претприемништво е посебна форма на претприемништво во која се интегрираат економски и социјални цели, тоа претставува иновативен модел за решавање на социјалните и еколошките предизвици и за зајакнување на инклузивниот раст.

Комбинацијата од бизнис, социјална вклученост и социјални услуги е уникатен спој има за цел да направи нешто корисно во општеството. Овој формат е повеќе од бизнис, бидејќи начинот на функционирање и распределбата на профитот од работењето се водени од други вредности.

Социјалното претприемништво успева да ги вклучи марганализирани групи на лица, да им создаде работни навики и достоинствен начин на заработување.

Примарна цел на социјалното претприемништво е зајакнувањето на социјалната кохезија и солидарноста како и зајакнувањето на капацитетот за иновации во различни економски сектори и општествено корисни подрачја. Целта е да се генерира општествена вредност при што заедницата ќе има корист од претприемачките активности.

За разлика од Европа, каде социјалната економија придонесува за околу 10% од БДП, а секое четврто новоотворено претпријатие е социјално, ние сме одвај на почетокот соочувајќи се со бројни предизвици. Социјалното претприемништво во Македонија е во своите првични стадиуми на развој, но  постоечките социјални претпријатија покажуваат дека има потенцијал за раст и развој на овој концепт и кај нас.

Една од поуспешните приказни за социјално претпријатие во Македонија е единственото улично списание „Лице в лице“, кое обезбедува работен ангажман за околу 40 маргинализирани лица (млади на улица, лица со попреченост, бездомни лица итн.), а останатите веќе го следат нивниот пример и се работи на развивање повеќе вакви бизниси.

Зошто е толку важно социјалното претприемништво?

Тоа е бизнис кој преку користење на на претприемачки принципи, се стреми да ѝ служи на заедницата, а не на максимизирање на профитот за сопствениците. Остварениот профит во најголем дел се реинвестира за постигнување на социјалните цели, односно конкретни општествени промени.  Додека преку вработување лица од ранливи групи на граѓани и обезбедување добра и услуги за маргинализираните и неразвиените заедници, тие нудат иновативни приоди за одржлив и рамномерен развој.

На глобално ниво, компанијата „TOMS“ на дело покажува како бизнисот ја поминува границата од стандардните принципи и делување во економијата, во тоа нешто повеќе!

За секој купен пар нивни чевли, тие донираат еден пар на оние на кои им е неопходен, со тоа прават повеќе, насочувајќи дел од профитот назад во општеството.

https://youtu.be/7MV3HWQHl1s

Зошто е толку важно да се поддржи социјалното претприемништво?

Тоа се пазарно-ориентирани бизниси, односно финансиската одржливост ја обезбедуваат преку успешно работење според пазарните механизми, а преку користењето на услугите на таков вид на бизнис, вие правите многу повеќе за општеството, наспроти глобализацијата која ја создадоа големите компании.

Глобализацијата речиси ги избриша границите во светот, но што донесе таа?

Претставена како одлична идеја, помалку трошоци за фирмите од запад, евтини производи и вработување на сиромашното население од истокот. Состојбата е далеку од идеална, реалноста е трагична. Профитот е насочен кон западот, а страдаат работниците, бидејќи западот има евтина работна сила, масовно производство, а сиромаштијата се уште е силно присутна на истокот, загрозени се нивните животи, животната средина, а сето тоа има негативна последица и на екологијата на глобално ниво.

Социјалното претприемништво има цел да биде спротивност на глобализацијата, неговата форма и дејствување има позитивен аспект на сите вклучени во него, а „последиците “ се достоинство солидарност, хуманост, екологија.  Затоа е толку важно да се поддржат бизнисите кои му враќаат на општеството. Преку користење на услуги или купување производи од овие фирми, вие индиректно правите повеќе за општеството.

Што ќе одберете? Промената започнува од вас. Направете повеќе за општеството.