Категории

10 нешта кои сакам ќерка ми да ги знае кога ќе порасне

Мајките се првите и најголемите учителки во животот на ќерките и се одговорни за самодовербата и самопочитта на малите принцези во моментите кога тие излегуваат од безгрижниот детски свет и запловуваат во реалниот свет исполнет со предизвици.

Кејти Смит е писателка и мајка на три деца која ги сподели 10-те лекции кои посакува ќерка ѝ да ги знае кога ќе се судри со вистинскиот живот.

КАЖУВАЈ ОДЕ*И КОГА ТРЕБА ТОА ДА БИДЕ КАЖАНО

Кажи го со очите. Кажи го со твоите постапки. Кажи го во твојата глава или изговори го гласно. Кажи го со твоето заминување. Кажи го како сакаш, но кажи го. Кажи го кога те понижуваат. Кажи го кога не те почитуваат. Кажи го кога ти судат. Кажи го кога некој не се однесува кон тебе онака како што заслужуваш. Кажи го кога некој ќе те допре на начин кој не ти се допаѓа. Кажи го. Погрижи се личноста на која ѝ го кажуваш тоа да те слушне јасно и гласно.

НАУЧИ ЈА РАЗЛИКАТА МЕЃУ ПОСАКУВАЊЕ И ЦЕНЕЊЕ

Кога некој те посакува, не значи и дека те цени. Можно е да те посакува толку многу што речиси да започнеш да веруваш дека те цени, но ова се две различни работи. Ако те цени, ќе го знаеш тоа. Ако не те цени, ќе го знаеш тоа.

Само напред, бакнувај момчиња, но не ги бакнувај доколку се груби кон тебе, освен ако ти не сакаш да ги бакнеш. Никогаш не ја минувај ноќта со некој кој не те сака покрај себе наутро, освен ако и тебе не ти одговара таквата ситуација.

НАСЛАДУВАЈ ИМ СЕ НА ЗАДОВОЛСТВАТА

Купи си ги посакуваните чевли, испиј го кафето, напиј се вино, изеди чоколадо, оди на масажа, јади од убавите садови, запали си свеќа. Дури и да си единствената личност која ужива во тие нешта, направи ги. Нема никаква поента во тоа да ги одложуваш тие задоволства само за моментите кога можеш да ги споделиш со друг.

НЕ ГРИЖИ СЕ ЗА ГОЛЕМИНАТА НА ТВОИТЕ БУТОВИ

Биди здрава, сè прави умерено и експериментирај со различни физички активности. Јади вистинска храна која ти дава живост и која те поттикнува на активности кои ти даваат живост. Крофните ја немаат таа способност. Но, ако можеш да уживаш во нив одвреме-навреме, а потоа да кажеш „Тоа беше убаво, но доста е од вас“, крофните се божествени. Големината на твоите бутови (или на кој било друг дел од телото) не е важна во овој единствен живот кој го имаме. Она што е важно е како ние се чувствуваме и како другите се чувствуваат покрај нас. Фокусирај се на тоа.

СО СИЛА УБАВИНА НЕ БИДУВА

Ако шминката „smoky eyes“ изгледа на тебе како да си се степала во кафуле, заборави ја. Ако имаш пријателка која прави да се чувствуваш како гомно или која ја изневерила твојата доверба, заборави ја исто така. Ништо не треба да форсираш, никогаш – ниту фустан, ниту врска, ниту хоби. Што е најважно, никогаш не се обидувај да убедиш некого колку многу вредиш. Ако тие не можат да видат сами, искористи ја првата потточка.

НЕМА НИШТО ЛОШО ВО ТОА ДА СИ РАНЛИВА

Ако некој ти го скрши срцето или ти раскине и си скршена, покажи го тоа пред него ако сакаш. Не чувај сè во себе: плачи, викај, кажи му како се чувствуваш. Ако ти е тешко, зборувај за тоа. Остави сè таму, а потоа замини си. Не повторувај му ништо од тоа, беше слушната и првиот пат. Не му ѕвони на телефон кога ќе испиеш чашка повеќе. Го кажа она што сакаше да го кажеш. Продолжи понатаму. Исповедај им се на твоите пријателки. Зборувај со мене. Ако тој сака повторно да се врати во твојот живот, ќе го направи тоа.

НЕ ПРАВИ НИШТО СО ПОЛОВИНА СРЦЕ

Понекогаш мораме да правиме нешта кои не ги сакаме – како диплење облека или купување правосмукалка. Не зборувам за такви работи. Зборувам за големи нешта: кариерата, изборот на брачен партнер, местото на живеење, стилот, пријателите. Донесувај ги големите одлуки со целото твое срце, со целата душа.

БИДИ СВЕСНА ЗА ТОА КОЛКУ ВРЕДИШ

Ти си неверојатна. Да, навистина си. Јас ти сум мајка и секогаш ќе верувам во ова, но сакам и ти да поверуваш во тоа. Навистина да поверуваш. Не чекај другите да те оценуваат. Дури и да ти кажуваат колку многу вредиш, ако ти не веруваш дека си неверојатна, никогаш нема да го прифатиш тоа како вистина.

НЕ СЕ СПОРЕДУВАЈ СО ДРУГИТЕ

Ова е тешко – можеби најтешкото. Проблемот е што кога се споредуваме себеси со другите, најчесто ги споредуваме нашите најлоши моменти и нашите слабости со нивните силни страни. Запомни го тоа. Само затоа што ти имаш различни силни страни не значи дека си помалку од некого.

БИДИ НЕЖНА

Биди нежна кон себе. Многу е лесно да поверуваш во нешто лошо што некој го кажал за тебе – полесно одошто да поверуваш во комплиментите. Сакај се себеси доволно за да се фокусираш на твоите дарби, на твоите силни страни. Не се измачувај себеси само заради тоа што си направила една грешка. Напротив, учи од неа. Претвори ја во нешто позитивно.

Прегледи:
710
Објавено на:
12.04.2016