Категории

#365среќа Милена Антовска Станковска: Нема поголема среќа од помислата дека наскоро ќе станам мајка

Таа е заштитен знак на утринската емисија “Здраво Македонијо” веќе осум години. Голем професионалец, успешна млада жена, а наскоро и мајка.

Ведра, комуникативна и полна со позитивна енергија која спонтано ја пренесува на соговорникот. За себе вели дека ги живее најубавите денови и ужива во промените и предизвиците кои ги носи животот. Кога давате среќа, ви се возвраќа двојно, па затоа го споделуваме овој пријатен разговор со Милена Антовска Станковска за #365среќа.

1.Кога ќе помислиш на среќа, која е првата мисла што ти паѓа на памет?

Не сакам да бидам досадна или да биде клише, но навистина прво нешто што ми доаѓа на ум кога ќе помислам на среќа е моментот кога конечно ќе се роди мојата ќерка и ќе можам да ја допрам, мириснам и прегрнам. Е тоа е за мене вистинска среќа.

Среќа е да се будиш насмеан секое утро??? @srekja.mk нај нај нај фала за маичката???

A post shared by Milena Antovska Stankovska♑ (@milliemilaa) on

2. Се занимаваш со професија каде што самоконтролата е од примарно значење, особено бидејќи се работи за емисија во живо и не можеш однапред да знаеш кој ќе се јави за да ја сподели својата приказна со тебе. Како успеваш да останеш смирена и позитивна во секоја ситуација?

Се’ се учи со тек на време. Потребно е многу искуство за да можеш да ги контролираш сите емоции кои ги имаш во себе без разлика дали тој што ќе ти се јави ќе те изнервира, насмее, разнежни итн… Тоа што емисијата е во живо дополнително создава стрес, но од друга страна пак, баш заради тоа што знам дека се што ќе кажам оди директно во етер, дополнително ме прави смирена и позитивна затоа што тоа е тоа што гледачите го бараат и заслужуваат.

3. Велат со текот на годините се менуваат и нашите приоритети, желби и соништа. Дали досегашното искуство ти докажало дека е навистина така?

Дефинитивно да. Барем кај мене е така… Желбите и соништата постојат нормално, некои од нив се исполниле, па дошле нови, некои се’ уште чекаат на свое реализирање. Приоритетите веројатно се тие што почесто се менуваат во зависност од годините и периодот во животот. Работата секогаш ми била важна, но ако порано после емисија бидејќи многу рано станував, едвај сум чекала да дојдам дома да спијам и да излезам некаде, сега најважно ми е да бидам подготвена за раѓањето на Лана, да ми биде се средено дома итн…

4. Ти недостасуваат ли телевизиските камери и контактот со гледачите кои секојдневно те спомнуваат овој период кога си понастрана од нив, очекувајќи го своето прво дете?

Да, ми недостасуваат…Сепак работев осум години и сега наеднаш прекинав и многу ми е чудно и ми недостасува таа магија што ја има во телевизија. Ми недостасуваат и гледачите нормално, после толку години дружење станавме едно големо семејство и сега некако се привикнувам на породилното отсуство и на тоа дека нема да комуницирам со нив уште речиси една година. Но, сега моето семејство, мојот сопруг и детето ми се на прво место и не би можела да посакам нешто повеќе во овој момент. Го живеам најубавиот период во мојот живот.

5. Која е твојата дефиниција за “дом”?

Местото каде што се чувствуваш свој, каде што има мир и хармонија, онаму каде што сакаш да си дојдеш после напорниот работен ден.

Прегледи:
1037
Објавено на:
17.08.2017