Категории

#365среќа со диригентката Светлана Сандева „Создавањето музика со хористите е едно посебно задоволство“

Музиката успева да допре до сечија душа, да раскаже најубави приказни, да предизвика восхит, возбуда и сите најсилни емоции преку нејзиниот звук. А кога ќе се соединат група гласови во најразлични бои, музиката звучи уште побеспрекорно.

Токму овие чувства ги буди хорската музика, а пример за убавините кои ги создава хорското пеење е хорот Кочо Рацин од Скопје. Но, за да звучи беспрекорно, прецизно и раскошно, најголемата задача и припаѓа на диригентката, Светлана Сандева. За нејзините почетоци, за диригирањето како професија и успесите и идни планови на хорот Кочо Рацин, во ова издание на #365среќа на наше големо задоволство разговараме со неа.

1. За почеток, би сакале да ни раскажете нешто повеќе за вашите почетоци и првите настапи како диригент. Како се роди љубовта за оваа професија?

Љубовта за оваа професија се роди кога се запишав на ФМУ во Скопје. Во третата година од студиите имавме предмет хорско диригирање и мене ме плени оваа професија, така  се запишав на отсекот хорско диригирање во класата на проф. Драган Шуплевски. Првиот настп како диригент беше со хорот од факултетот, а потоа и со хорот при МОБ каде што работев една година како асистент хор мајстор.

2. Хорот Кочо Рацин е еден од најстарите хорови во Скопје кој зад себе има многу настапи, гостувања и хорски натпреварувања, а воедно неодамна прослави и 70 години постоење. Кои се критериумите за членство во овој хор и постојат ли возрасни граници?

Еден од најважните критериуми за членство во хорот Кочо Рацин е музикалноста и желбата за пеење. Возрасната граница е од 18 до 70 години.

3. Велат луѓето во чиј живот музиката има посебно место се среќни луѓе. Што ве прави вас среќни?

Мене покрај мојата фамилија, многу среќна ме прави музиката, пеењето и посебно диригирањето со кое што имам можност да музицирам, односно да правам музика заедно со хористите, а тоа е едно посебно задоволство.

4. Хорот Кочо Рацин е познат по многубројните настапи како во земјата така и надвор од неа. Кои се вашите планови во блиска иднина и каде можат да ве слушнат љубителите на хорската музика?

Во блиска иднина ќе имаме неколку настапи. Во септември ќе имаме настап во Тетово, а во преговори сме и за настап во Суботица. Ни престои и настапот во декември по повод раѓањето на Кочо Рацин.

За крај, таа ги повикува сите кои имаат љубов кон музиката и го сакаат хорското пеење да повелат во просториите на Дом на градежници секој вторник и четврток од 19 часот, каде што ги одржува пробите со хорот Кочо Рацин.