Категории

Што пијат најчесто Македонците – пиво, вино или ракија?

Податоците на Светската здравствена организација (СЗО) покажуваат дека во земјава се пијат по 5,7 литри алкохол на годишно ниво – 50% од ова отпаѓа на пиво, 40% на вино, а само 10% на жестоки пијалаци.

Пиво, вино или ракија – за што најчесто се одлучуваат Македонците, пишува „Денар“.

Пивото е број еден алкохолен пијалак, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС). Според нивната анализа, секој возрасен граѓанин годишно консумира по 12.5 литри пиво, 1.8 литри вино и 0.65 литри жестоки пијалаци.

Институтот за вино од Калифорнија тврди дека во земјава се пијат по 42 литри вино, а според годишните извештаи на пиварниците се трошат по околу 27 литри пиво.

Разликата во податоците се должи на методологијата, ДЗС не ги зема предвид домашното вино и ракија, Институтот за вино и СЗО се повикуваат на анкети.

Според СЗО топ 10 земји според потрошувачката на алкохол по глава на жител се: Молдавија со 17.4 литри, Белорусија со 17.1, Литванија со 16.2, Русија со 14.5, Чешка со 14.1, Црна Гора со 13.3, Романија со 12.9, Србија со 12.9, Австралија со 12.6 и Словачка со 12.5 литри. Во истиот извештај Македонија е на 99 место со проекција за годишна потрошувачка од 5.7 литри во 2015-та. Од друга страна најмалку алкохол се пие во Пакистан, Либија, Бангладеш, Сомалија и Авганистан, по помалку од 0.1 литар по жител.

Според податоците на IWSR, фирма за истражување на пазарот, најпопуларен жесток алкохолен пијалак во светот е вотката чија потрошувачка изнесува 4.44 милијарди литри годишно, од кои, речиси 2 милијарди отпаѓаат на рускиот пазар. На второто место е румот со вкупна потрошувачка од 1.47 милијарди литри. На третото е вискито со 0.86 милијарди литри. По вискито, следува џинот со 0.44 милијарди литри, а на петтото место е текилата со 0.23 милијарди литри глобална годишна потрошувачка.

Прегледи:
560
Ознаки:
· ·
Објавено на:
10.02.2017