Категории

Светецот кој штити од болести: Денеска кажете ја оваа молитва

Светец кој ја држи чумата во синџири

Празникот на светиот свештеномаченик Харалампиј народот го вика и Чуминден, зашто овој светец од христијанскиот календар е поврзан со болестите и се смета за чувар од нив, а се врзува со чумата зашто таа се сметала за најопасна болест.

(Именден празнуваат: Харалампие, Ламбе, Хари…)

Светиот свештеномаченик Харалампиј, епископ од Магнезија (Тесалија) настрадал за време на царот Септимие Север кога бил вршен страшен прогон на христијаните. И покрај жестоките репресалии тој јавно ја проповедал Христовата вера, и станал популарен кога воскреснал еден мртовец. Под негово влијание царската ќерка Галина станала христијанка и ги искршила киповите на римските богови. Поради тоа бил страшно мачен. Според едно предание му биле пресечени рацете, а потоа бил исечен со меч. Според друго предание, пак, дури му била одрана кожата, а кога и тоа го примил како доближување до Бога, се помолил на својот Бог и испуштил душа, пред да се спушти мечот на џелатот врз него. Тогаш имал 113 години, а тоа се случило на 23/10 февруари 198 година. Потоа царската ќерка Галина пристојно го погребала, а неговата глава и денес се чува во манастирот Свети архиѓакон Стефан во Тесалија.

Празникот на св. свештеномаченик Харалампиј народот го вика и Чуминден, зашто овој светец од христијанскиот календар е поврзан со болестите и се смета за чувар од нив, а се врзува и со чумата, зашто таа се сметала за најопасна болест. И на фреските во нашите цркви св. Харалампиј е претставен како ја држи чумата во синџири, како ја тепа и мачи. Народот верувал дека св. Харалампиј е заштитник од чумата која ја соборил и победил, а тоа, всушност, бил ѓаволот олицетворен во чума, како што се верувало во Охрид.

Во верувањата на македонскиот човек чумата како негативен демон зазема многу значајно место. Ова митолошко суштество го среќаваме и во верувањата и во преданијата, а особено во народните песни. Познати се песните во кои чумата го испустува Скопје, а тоа има и реална основа зашто познато е и од историјата дека овој град повеќепати страдал од оваа опасна болест. Во претставите на нашиот човек таа останала како стара баба, некаде со расплетени коси, некаде со тефтер или список, најчесто со сабја или коса со кои сее смрт. Марко Цепенков зебележал повеќе верувања во врска со чумата.

Според едно, чумата е родена од лош татко и мртва мајка поради што им се одмаздува на луѓето. Имено во некоја земја преку девет мориња имало некој лош цар кој правел триста лошотии, а најголемото зло било што која жена ќе ја видел ќе ја обесчестел. Кога не можел да силува едно сиромашко девојче го убил и пак го силувал за „на неговото да биди“ и го затворил така умрено во некој подрум. Кога се вратил од војна го побарал и видел дека девојчето цело си лежело како да спие, само во срцето било подуено и нешто како живо мрднувало. Кога удрил силно со нога по срцето, се родила чумата од умрената девојка, застанала пред него и му рекла: „Од поган татко сум се зачнала и од умрена мајка сум родена, затоа кого ќе го видам ќе го испоганам на скришните места и ќе го умрам“. Цепенков натаму забележал во ова верување дека кога ќе се појавела чумата и кога ќе виделе луѓето оти ќе ги сотрит, ќе трештеле да бегаат по планини, по долини за да се кријат од неа, арно ама чумата и таму ги наоѓала лошите и ги избивала.

Цепенков уште забележал дека зародишот на чумата бил од реката Нил. Кога ќе се излеела оваа река и кога пак ќе се вратела во коритото по земјата останувале многу риби кои се смрдувале и од нив се раѓала чумата. Ова треба да претставува и еден вид сведоштво дека чумите како болести доаѓале од исток и дека причина за нивното појавување треба да се бара и во нечистотијата. Блиску до ова е и верувањето дека чумата ноќе влегувала во домовите и ако најдела немиени чинии и лажици гребела од нив и после се заразувале луѓето. Поради тоа, ако се појавела чумата веднаш куќите се чистеле, чиниите и лажиците се миеле. Се верува дека чумата лесно може да ја менува својата форма, да се преправа во куче, мачка, јаре, биолица и во предмети како партал и сл. М. Цепенков забележал дека и татко му Коста видел чума кога бил болен. Според неговиот опис тој гледал еден караван со многу коњи и дури на последниот коњ имало една жена вкачена на седелје, со лицето страшно, косата растурена преку плеќи, рацете долзи едно чудо, во десната рака држела една коса скршенаʼ. Тоа била чумата.

 

1 2

Прегледи:
2073
Објавено на:
23.02.2017