Баба ми беше чудесна жена. Нежна и истовремено силна, таа за мене беше олицетворение на најголемиот борец кој сум го запознала, покрај мајка ми. Растена во време на војни и сиромаштија со само еден родител, уште како малечка го вкусила блуткавиот горчлив вкус на реалноста, но беше непоколеблива.
Замислете во 50-тите години на минатиот век да ви договорат брак, а вие да го одбиете. Каков срам! Баба ми го сторила токму тоа, а кога ја прашав зошто постапила така, одговори кратко: Па беше шутрак! Плус, јас си го сакав дедо ти.
Немаше високо образование, но ја имаше собрано сета мудрост на животот. А, таа очигледно е многу поважна отколку факултетската диплома.
Постојано си повторуваше некои интересни работи, кои нам како деца ни беа смешни и по малку досадни за слушање. Но, како поминува времето сфаќам дека мојата бабичка знаела што зборува.
И овие неколку работи ми се длабоко врежани во сеќавањето:
Секогаш носи си чисти гаќи…
…зашто никогаш не знаеш кога може да завршиш на доктор! Звучи смешно, знам, и чисти во случајов е еуфемизам и културен назив, затоа што баба ми буквално велеше дека не се излегува од дома со покакани гаќи. Ние се валкавме на земја од смеење и само потпрашувавме: А со помочани може? Не може!
Поентата не е дека можеш да завршиш само на доктор, туку едноставно иако потекнуваа од село, тие обрнуваа особено внимание на хигиената, нешто што денеска не се случува кај огромен дел од луѓето, иако сме понапредни за едно 60 години.
Баба ми внимаваше кога готви да не се умирисува, постојано си ги душкаше алиштата да не ѝ мирисаат на манџи. Косата секогаш и беше стокмена, особено кога излегуваше надвор, како и алиштата. Доволно е само сапун и помада, велеше за нејзината рутина за одржување на лицето.
Не е важно облеката секогаш да ти е нова, но многу е важно да е чиста и закрпена. Важно е да имаш барем едно убаво парче за убав настан. И тој не го носиш каде што ќе ти текне, тој е за дотерување. И ние се смеевме. Кога имало толку многу вистина во овие едноставни совети.
Солзите и кавгите зачувај ги за дома
Зошто сите да те знаат дека се расправаш со мажот ти? Немој да дозволиш да се караш во јавност со него. Само благо насмевни се и одложи ја кавгата за дома. Во 4 ѕидови ќе си се разбереш најубаво. Не доликува да урлаш во јавност.
Не го храни народот со твоите солзи, не им дозволувај да ти се ситат. Никогаш нема да ти ги заборават. Секогаш ќе бидеш онаа која тогаш плачеше за тоа и тоа. Не им покажувај слабост. Дојди си дома и исплачи се. Стигни дома и реши ја кавгата. Расправиите не се за пред народ.
Мажот е можеби главата, но жената е вратот
Па има ли нешто повистинито? По долги години анализирање на различни ситуации, кај нас работите се одвиваат вака: Мажот носи одлука, жената смета дека има и подобар начин. Му го соопштува нејзиното решение, а тој упорно одбива, јас решив, ќе биде вака.
Баба ми само повторуваше еднаш – Јас сметам дека е подобро како што ти кажав, ама ти како си сакаш. И дедо ми секогаш, без исклучок ја слушаше неа. Затоа што таа едноставно беше во право, но не го правеше тоа заради суета, не ја злоупотребуваше таа моќ на донесување одлуки.
Беше толку многу самосвесна каде е посилна, каде треба да се вмеша, а каде треба да го остави дедо ми да одлучува сам. А, таа вештина ретко кој ја поседува.
Жената сама си одлучува за своето тело
Баба ми по ова прашање беше категорична. Само жената ја има моќта да одлучи како ќе се облече – онака како што сака, колку тулумби ќе изеде денеска – онолку колку што ѝ сака душичката и колку дечковци ќе има додека не го пронајде вистинскиот.
Ти треба да си убава прво самата на себе, ти да си се допаѓаш, а после на другите. Ти ако не се чувствуваш убава, никој друг нема да мисли дека си.
Жената и никој друг си одлучува за своето тело, за бројот на килограмите, облеката која ја носи, пријателите со кои се дружи или правото на абортус.
И толку се чудев на нејзините прогресивни мислења, бидејќи некои не ги делат овие ставови во денешното далеку понапредно време од минатото во кое таа живееше.
Мојата верба си ја носам со мене, не е во црквите и кај поповите
Не сакам да ме закопате со поп! Сакам да ме испратите вие, инсистираше баба ми, бидејќи за неа одењето во цркви и постењето и поповите беа непотребна категорија. Никогаш не слушнав да ги омаловажува другите заради нивните одлуки или религиски верувања, или пак да ги разубедува, дали нејзиното или нивното е правилно.
Таа одлучуваше за себе, а нејзината одлука беше дека мирната перница и добриот сон се најдобриот индикатор за твојата совест. Не ти требаат крпи, зејтини и чуда за да бидеш добар, биди едноставно човек.
„Ќе ме спомнеш ли некогаш? Ќе си речеш ли, имав една баба, леле ама беше досадна, ама колку многу ме сакаше. Не знаеш колку се сака внучето, нема нешто понајмило.
Ќе видиш, само почекај и ќе видиш. Времето лета, немој да се нервираш за непотребни глупости. Ќе најдеш работа, сè ќе си дојде на своето место, трпение – спасение. Ќе работиш бре девојче, каде се брзаш, ќе се наработиш цел живот. За жената работата никогаш не престанува. Знаеш ли колку многу те сакам? Ти, Господ, па мајка ти и вујко ти. Ете така. Ќе ме спомнуваш еден ден, ќе видиш“…
И навистина бидна така.
А колку ли љубов треба да имаш за некого за да го ставиш и пред Господ?