Еден од нашите најдобри и најактивни трубачи, струмичанецот Џамбо Агушев, периодов освен што е преокупиран со голем број настапи во светот со својот оркестар има и филмски ангажмани. Тој е автор и композитор на музиката на корејско-американскиот филм ,,Окџа“, што деновиве беше промовиран.
Во филмот преовладуваат звуците на трубата на Џамбо и на други дувачки инструменти, проткаени со звукот на тапанот. Во креирањето на музиката му помогнале Благојче Трајковски, неговиот соработник Шукри Абдулов, но и другите членови на неговиот светски познат оркестар.
– Чувството да пишуваш музика за филм, снимен надвор од државата е неверојатно и сон за секој музичар. Филмот беше презентиран во Кан, Франција и судејќи според аплаузот гледачите беа задоволни од она што го видоа и слушнаа. Тоа е гордост за мене и за мојот оркестар ,,Џамбо Агушеви“, но и за целата земја, бидејќи каде и да одиме, а така беше и овој пат, се трудиме Македонија да ја презентираме на највисоко ниво – вели Џамбо.
Деновиве во градот Грозов, во Полска, Џамбо снима филм посветен на животот на Ромите во светот што ќе биде прикажан на фестивалот „Ромски денови“.
– Јас и најпознатиот полски телевизиски водител, Томаж Камел, ги толкуваме главните улоги во овој филм, а дел од него ќе бидат и други музичари од повеќе земји. Филмот се снима на ромски и на полски јазик, а неговата промоција ќе се одржи наскоро во Грозов. Во план е и претставување на филмот во Македонија. Инаку, за мене ова е едно ново, позитивно искуство и навистина уживам во снимањето, но и во глумата – рече Џамбо Агушев. Периодов тој со својот оркестар ќе одржи и голем број концерти во Македонија, но и во целиот регион.
Извор : Нова Македонија