Категории

#365Среќа Сања Маркоска: Хроно исхрана – диета или начин на живот?

Поради намалената физичка активност и празничното полнење со калории и масти во зимскиот период од годината, најчест проблем со кој се соочуваме се вишокот на килограми.

Овој факт е причината што многумина се одлучуваат да ги намалат килограмите практикувајќи најразлични диети кои бараат константно гладување и откажување од многу намирници, се со цел брзо слабеење. Разочарувањето следува по завршувањето на диетата бидејќи килограмите веднаш се враќаат.

За да не дојде до овој непосакуван „јојо ефект“ потребен е начин на исхрана кој не подразбира гладување, наместо тоа, да слабеете, а да се чувствувате сити. Дали е тоа возможно?

Доколку сте гурман, а сакате да изгубите килограми, тогаш хроно диетата веројатно е вистинскиот избор за вас. Иако оваа диета е создадена во Франција уште во 1986 година, денес е исклучително популарна поради резултатите кои се добиваат доколку правилно се практикува. За ефектите и придобивките од хроно исхраната, зборуваме со Сања Маркоска, која го практикува овој начин на исхрана и е задоволна од резултатите.

1. Зошто токму хроно исхрана и како започна оваа приказна за вас?

Како човек кој отсекогаш се бори со вишокот на килограми, пробував да изнајдам начини на исхрана кои би ми помогнале да го решам проблемот со дебелината, и да, употребував многу видови диети, здрава храна и слично, признавам, имаше резултати, но за мене не само што не беа долготрајни, туку и со завршувањето на истите, се појавуваше оној познат јо-јо ефект, кој покрај тоа што ми ги враќаше изгубените килограми, добивав и плус на вагата. Пораз!

Чувството на поразите секогаш ме кутнуваше долу. Еден пораз, друг пораз, трет … седми.. којзнае кој.. и така достигнав до онаа Јас од која и самата себе се ‘‘скршив‘‘. Веќе животот не ми беше насмевка, туку загриженост, немоќ да излезам од оној круг во кој храната како магија секојдневно ме опиваше и се’ се сведуваше на неа. Стомакот да е сит, останатото не беше важно.

Во еден од тие мигови, утрински добив тахикардија и висок крвен притисок. Веднаш потрчав на доктор. Мојата драга Лидија Симич која ми е многу добар пријател и е една од луѓето кои се грижат за мене и мојата здравствена состојба, ме виде и се запрепасти! Требаше само да ме боцне, а таа студена стоеше и зјапаше во мене како од друга планета да сум дојдена. Се засрамив. Знаев зошто ми вперува такви погледи, а немав образ да ја погледнам. Собра сила и ми рече ‘‘Ќе те здробам!!! Погледни што си се направила!!!(Нема да ги кажам зборовите со кои ме искара, секако сите си беа на место, ама од денешен аспакт имаат голем удел во се‘!) Немо молчев. Она моето ‘‘Од утре почнувам.‘‘ веќе немаше смисла, поминаа илјадници утра. Гледајќи ме колку ми е непријатно, ме праша: ‘‘Сања,  дали имаш чуено за хроно исхраната? Дали знаеш што се‘ се дозволува таму и колку се јаде, а килограмите паѓаат и исхраната создава ‘‘завист‘‘ од самите резултати што се добиваат од неа?‘‘ –Реков не. Ме посочи каде да погледнам и да истражам.

Најпрво влегов во една српска група на фејсбук за хроно исхрана, разгледав и од она што го видов си реков, јас од ова.. шанси нема да симнам килограми, оваа храна мене ќе ме доздебели. Но како минуваа деновите, така ги гледав и резултатите на сите оние кои се хранеа од хроно оброците. Луѓето се преполовуваа без исклучок, мажи и жени, мажите повеќе, ама резултатите од двете страни беа фасцинантни. И повторно без оглед на тоа, јас не верував, како на туѓо место се осеќав во таа група. На моја многу голема радост денес, тогаш, случајно дознав дека има и македонска група за поддршка која практикува хроно исхрана. Веднаш се приклучив на неа! Беа малку луѓе во споредба со онаа српската, немаше многу слики на резултати пред и потоа, ама имаше толку голема топлина и чувство на припадност, што точно се чувствував како да сум дома! Сите си зборуваа слободно за проблемите, ги делеа меѓусебно како одамна да се познаваат, а никој со никој ни лице си немаше видено. Не се плашеа дали некој некого ќе исмее и слично, само се радуваа на успесите и си помагаа меѓусебно. Тоа членување таму, во групата, ми беше љубов на прв поглед!

Ни малку не размислував, огромна желба се собра во мене да направам нешто за себе, овде не бев сама, членовите ме разбираа, ми возвраќаа, ме прифатија како да сум им сестра, беа толку љубезни и трпеливи што како магнет привлекуваа на она место кај што се‘ уште можеше да се ‘‘купи‘‘ шанса.. шанса на животот и неговото живеење, конечно некој и мене да ме разбере, си реков. Не знам што точно требаше да ме разберат ама јас не бев веќе сама!!! Тоа живот значеше! И.. ја ‘‘купив‘‘шансата! Иако не бев почната со практикувањето на хроно исхраната, го почувствував излезот, си ја вратив силата и еланот да ги променам утрата и ноќите, станувањто и заспивањето, да свртам нов лист и не колебајќи се, гласно кажав.. Од утре почнувам!

Основачот на групата, денес моја многу драга личност, мој пријател, моја сестра, девојчето кое буквално е мојот гуру, кое ми се посвети трпеливо и стана мојот најголем ИДОЛ, кое без да ме познава влезе заедно со мене во целото мое патешествие само затоа што знаеше како е да си дебел и речиси сите надежи да ги имаш загубено, кое на секое ‘‘паѓање‘‘ ме крева како да сум пердув и паралелно со мене ги поминува сите мои агонии и кризи, кое се нервира исто како јас кога не мрда вагата, кое со најголема љубов ме истерува на вистинскиот пат, а и цела група од 60.000+ члена, кое безрезервно се внесува во своето чедо-групата и прави сите да се чувствуваме како дома и среќни, Виолета Златкова, е најголемиот ‘‘виновник‘‘ што моето утре, утрото од  09.06.2016 год. го направи мојот втор роденден и ми овозможи максимално да ја искористам (се‘ уште ја користам) ‘‘купената‘‘ шанса, и благодарение на неа, јас изгубив цели 55 кг. и си ја вратив насмевката во целост!

2. По што се разликува хроно исхраната од останатите режими во исхраната и кои се придобивките од неа?

Хроно од другите диети се разликува по тоа што е балансирана исхрана која создава алкална средина во организмот и со тоа го зајакнува имунитетот и го подобрува нашето здравје. Патентирана е од Др. Ана Гифинг и е прилагодена според организмот на луѓето. Хроно исхраната всушност го прати нашиот дневен ритам и лачењето на хормоните и ензимите во нашето тело. Во склад со тој ритам ние внесуваме одредени намирници во одредено време од денот и нив максимално можеме да ги искористиме зошто во текот на варењето на храната не прават штетни метаболити кои би се таложеле во ќелиите наши. Хроно исхраната брои три оброци, појадок, ручек и вечера или таканаречен рестриктивен период, во кој има правилен распоред на дневните оброци каде што организмот се чисти од отровите и овој период се практикува додека не се дојде до посакуваната тежина, а потоа се преминува во вонрестриктивен период во кој навиките ги носиме за цел живот!

Суштината на овој режим е да се јаде одредена храна, во одредено време од денот, на растојание од 4-6 часа, храна која ќе ни пружи се она што ни треба, а истовремено ќе ни овозможи да слабееме, поточно да ги губиме патолошките масти, а притоа да ја зачуваме нашата мускулна маса. Многу е важно да се почитува растојанието меѓу оброците затоа што од моментот кога ќе го внесеме оброкот, во нашето тело почнува да се лачи инсулин кој околу три часа кружи во организмот и снабдува енергија во масните ќелии. После три часа инсулин веќе нема и почнува процесот на слабеење, т.е празнење на масните ќелии и ослободува енергија која ние ја користиме за потребата на нашиот организам. Растојанието меѓу оброк мора да е точно и задолжително во тој интервал не смее да се јаде ништо. Постојат напитоци кои се дозволени измеѓу како вода и билни чаеви, но никако 30-тина минути пред и после оброк. Да не го изоставиме и гликемичниот индекс (ГИ) кој е многу важен во хроно исхраната и ни помага да ја одредиме брзината на сите намирници поединечно, кои ни го зголемуваат нивото на шеќерот во крвта, спорите шеќери и јаглехидратите во исхраната.

Продолжува на страна: 1 2

1 2

Прегледи:
1271
Објавено на:
07.02.2018