Категории

10 начина на кои Facebook може да ви ја уништи врската

Фотографии, коментари, лајкови, тагнување, стотици виртуелни пријатели… сигурно ова е дел од вашето секојдневие ако сте под друштвениот син чадор наречен Facebook. Најпопуларната социјална мрежа има толку навлезено во животите на стотици милиони луѓе, што има сила да влијае и врз нивниот љубовен живот.

Навистина, Facebook нуди многу забава, поттикнува насмевки, создава пријателства и љубовни врски, одржува пријателски контакти, но исто така понекогаш причинува солзи, љубовни расправии и разделби. Facebook е интересен кога се користи за флертување и за размена на романтични пораки, но воопшто не е забавен кога станува стимулатор на љубомора и сомнежи кои полека, но сигурно ја убиваат врската.

Еве како Facebook на негативен начин навлегува во љубовниот живот на луѓето, ја храни љубомората на партнерите и ѝ се заканува на врската:

Постојано „шпионирање“ на неговиот ѕид. Оваа Facebook активност е „заразна“ и никогаш не носи ништо добро. Ако постојано анализирате на кого вашиот партнер му ставил лајк, на чија фотографија коментирал, со кого станал пријател, сигурно ќе си најдете причина за кавга. Женскиот мозок е чудна машина која постојано анализира, нагодува и смислува приказни, па ако му дозволите, тој може и еден обичен коментар како „Среќен роденден“ да го протолкува како флерт.
Провалување во неговиот профил без дозвола. Ако ова е ваша навика, искоренете ја веднаш! „Ѕиркањето“ во неговиот профил без дозвола е доказ дека не му верувате, а без доверба, секоја врска е осудена на пропаст. Заборавил да се одјави од Facebook? Потиснете ја љубопитноста и не фрлајте поглед во неговиот приватен виртуелен простор, бидејќи голема е веројатноста дека ќе си навлечете непотребни мисли, грижи и проблеми.
Откривање на тајни пораки во интимното катче наречено Inbox. „Ненамерно“ се најдовте во неговото поштенско сандаче на Facebook? Тогаш може да откриете тајни женски пораки за кои не сте ни знаеле дека постојат. Честитки за роденденот од бившата, покана за кафе од неговата „најдобра пријателка“, невини закачки од новите пријателки и колешки… Во ваков случај, прво, не правете од мува слон, а второ, бегајте што побрзо оттаму и не се враќајте. Неговите пораки се приватни, исто како што се и вашите. Сигурно не сакате тој да ѕирне кој и што ви пишува вам. А кога сме кај вашиот Inbox, НИКОГАШ не заборавајте да се одјавите кога станувате од компјутер и не ја споделувајте лозинката со никого.
Објавување на Facebook војна. Ако секогаш кога на неговиот профил ќе прочитате нешто што ви ги боде очите, во главата ви поминува мислата „Аха, сега ќе види тој, ќе му вратам за ова“, тогаш вие сте склони да започнете Facebook војна. Лошото е што овие војни се јавни, забавни за публиката и лесно можат да ја уништат вашата врска.
Неговото пријателство со бившата/вашето пријателство со бившиот.„Бившата“ е една од најделикатните теми во секоја врска и е кошмар на секоја жена. Иако нема потреба од претерување, факт е дека самото негово прифаќање на нејзиното барање за пријателство може да предизвика несигурност, љубомора и проблеми или дури да ја доведе врската на работ. Од друга страна, вие може и да не сметате дека тоа е трн во окото на вашиот сакан, но можно е тој да „чади“ од нервоза секогаш кога ќе го здогледа вашиот поранешен партнер меѓу вашите пријатели.
Опседнатост со Facebook. Многу луѓе стануваат опседнати со Facebook и најголем дел од своето слободно време го користат пред компјутерскиот екран. Наместо да излезат со својот партнер/ка, тие претпочитаат да го поминат времето онлајн. Таквата Facebook опсесија, било да доаѓа од женска или од машка страна, ги оддалечува партнерите и создава простор за разделба.
Означени (тагнати) фотографии со бившата. Од оваа Facebook закана најчесто страдаат свежите врски. Додека некои жени на мирен начин го решаваат овој проблем, други ја губат довербата во партнерот, започнуваат да се сомневаат, да му враќаат во иста мера и дозволуваат невниманието од негова страна да ја уништи новата кревка врска.
Јавното флертување. Луѓето често забораваат на границите во однесувањето кога комуницираат преку интернет, па си дозволуваат да си разменат и по некој флертувачки коментар. Без разлика на чиј профил се случува ова Facebook злосторство, тоа сигурно би довело црн облак над врската. Поставувањето на граници при секоја Facebook активност е исто толку важно колку и следењето на одредени принципи во реалниот живот.
Фотографиите на пријателите. Се прашувате како фотографиите на неговите или вашите пријатели можат да создадат проблеми во вашата врска? Едноставно, неговиот другар може да објави фотографија од нивната „машка“ вечер на која се фотографирани со неколку згодни девојки. Првата мисла која ќе ви падне на ум сигурно ќе биде „Машка вечер, а?“ и ете причина за кавга.
Делењето лајкови. Неговата колешка објавила фотографија во костим за капење, а тој притиснал „Ми се допаѓа“. Вашата реакција веројатно ќе се сведе на: „Што значи сега ова? Дали тој флертува? Смета ли тој дека таа има поубаво тело од мене?…“ Исто така и од негова страна може да се појави љубомора или несигурност поради вашите доделени лајкови.
Технологиите ги менуваат љубовните игри и правила и сакале или не, мора да се прилагодуваме на нив. Сепак, не заборавајте дека Facebook не ги создава проблемите во врската, туку ги вади на површина веќе постоечките. Facebook нема да ви ја уништи врската ако вие не му дозволите.

Извор : Вистина.мк

Прегледи:
439
Објавено на:
03.06.2018