Откако за прв пат го видел својот одраз на водата, човекот не престанал да се фасцинира од сите површини кои го одразувале неговиот лик. Ова е веројатно една од причините која ги објаснува бројните легенди поврзани со огледалото. Имено, луѓето и ден денес, на сите работи кои не ги разбираат им припишуваат натприродни моќи.
Употребата на огледала (како и на сите други површини кои ја имаат способноста да ја рефлектираат светлината) за магични цели, пророштва и „гледање“ на минатото, сегашноста и иднината, е речиси исто толку старо колку и човештвото, а во сите култури и народни традиции постојат т.н. суеверија поврзани со огледалата и среќата или несреќата што можат да ја донесат.
Така, во античките времиња, во Кина огледалата биле поставувани над креветот или некаде до креветот. Тие верувале дека „злите духови“, кога ќе се погледнат во огледалото, ќе се исплашат и ќе избегаат. Но овие верувања воопшто не се наивни. Денес експертите добро знаат на кој начин радио брановите понекогаш се сузбиваат. Можно е нешто слично да се случи и со пофините патогени енергии („зли духови“) кога ќе се сретнат со сопствената рефлексија во огледалото.
Во сите времиња, сите народи имале сериозен и внимателен однос со огледалата. На пример, во многу земји постоело верување дека детето, пред да наполни една година, не треба да се гледа во огледало, бидејќи ќе го прати несреќа. Во Европа се сметало дека е особено штетно да се гледа во огледало во полумрак или со вештачко осветлување.
„Гледање“ во огледало, или било која друга површина која рефлектира светлина, како вид на дивинација (предвидување) го користеле античките Египќани, Арапи, Персијци, Грци и Римјани. Во античка Грција во оваа вештина биле најистакнати пророците од Тесалија, кои своите предвидувања ги испишувале со човечка крв на огледалото, а се верува дека го научиле и познатиот Питагора да ја гледа иднината преку огледалото.
Во Рим луѓето вешти во „читање“ преку огледала биле нарекувани „speculatii“.
Во средновековна Европа, освен огледалата, биле користени и чинии со вода обоени во црна боја. Познатиот Нострадамус своите визии ги има добивано преку една оваква чинија.
Џон Ди, личниот маг на англиската Кралица Елизабета I, користел кристално јајце и огледало од црн кристал (опсидијан) кое денес е изложено во „Британскиот музеј“ во Лондон.