Во многу племенски општества ширум светот се верувало дека ноќниот воздух е исполнет со лоши и добри соништа кои летаат. Постоеле неколку начини на кои луѓето се обидувале да ги повикаат убавите соништа.
Индијанците изработувале „dreamcatcher“ (ловец на соништа), кој најчесто го подарувале на новороденчињата и брачните двојки, а имаат и своја легенда за „ловците на соништата“…
Пред многу години стариот врач од племето Лакота на една висока планина доби визијата. Во таа визија Иктоми, големиот учител на мудроста, се појави во форма на пајак. Иктоми му се обрати на светиот јазик, а додека зборуваше зеде обрач од врба, влакно од коњ и бисери. Додека ја плетеше мрежата зборуваше за циклусите во животот – како го започнуваме животот и како завршува циклусот.
Во секој животен циклус постојат многу сили, некои добри, а некои лоши. Ако ги слушате добрите сили, тие ќе ве водат во вистинската насока. Кога Иктоми ја заврши приказната му ја подари мрежата на врачот и рече дека мрежата е совршен круг со дупка во средината. Се користи за да се пронајдат целите и да се искористат идеите, соништата и виззите на вистински начин.
Ако верувате, мрежата ќе ги фати вашите добри идеи, а лошите ќе излезат низ дупката. Врачот оваа приказна му ја пренесе на својот народ, затоа многу Индијанци своите „ловци на соништа“ ги чуваат над своите кревети.
„Ловците на соништата“ се ставаат и покрај прозорците во спалната соба. Според верувањето, во нивната мрежа се заплеткуваат соништата од кои се паметат само добрите. Лошите соништа се заплеткуваат во мрежата и изгоруваат со првите зраци на светлината.