Стокхолм е главниот град на Шведска, кој се наоѓа на брегот на Балтичкото Море. Го нарекуваат и европски главен град на зеленилото. Оваа метропола со совршен стил, беспрекорен дизајн и идеално уредено општество е дестинација која сакате да ја посетите.
Град на четиринаесет острови и над 60 музеи
Главниот град на Кралството на Шведска е местото каде што сонцето вечно сјае. Во лето самракот трае од полноќ до три наутро. Во Стокхолм сите патишта водат до Гамла Стан. Ова старо градско јадро е еден од најдобро зачуваните средновековни градски центри, каде што можете да шетате, да јадете во прекрасните ресторани или да купувате. Овде ќе ја видите најтесната улица или ќе научите нешто ново за доделувањето на Нобеловата награда.
Имено, Стокхолм е составен од 14 острови кои се поврзани со мостови, а до нив можете да дојдете и со брод. Сите превозни линии, дали се работи за автобуси, бродови или метро, се одлично поврзани и можат да ве однесат речиси секаде низ градот, и секако, не доцнат и се плаќаат со картичка.
Во Стокхолм постојат околу 60 музеи, така што овој град е рај за љубителите на историјата и уметноста. Најпознатиот остров е наречен Djurgarden, а тука можете да ги посетите познатите музеи. Импресивниот Васа музеј, во кој се наоѓа брод од 17-ти век, не смеете да го пропуштите во вашата посета на Стокхолм. Skansen е прв отворен музеј во светот, каде се преселени околу 150 куќи и други градби од 19 век, за верно да го покажат поранешниот живот во Шведска.
Historiska Museet е национален историски музеј кој вреди да се истражи, особено ако сте заинтересирани за историјата на Викинзите, исто така, можете да го пронајдете музејот на бендот ABBA.
Фика
Стокхолм е полн со мали кафулиња и ресторани кои пленат со едноставна и ефикасна естетика. Фика е збор за релаксација во попладневните часови со кафе и слатко пециво или торта. Ова време е резервирано за разговор со пријателите и полнење батерии за остатокот на денот.
Стокхолм особено ќе ве воодушеви со својата прекрасна архитектура. Комплекс на градби од различни епохи на архитектурата поврзани во целина која совршено се вклопува во природна средина. Шарените куќи и бајковитата атмосферата низ уличките и плоштадите се привлечни за истражување и хедонизам.
Архипелаг
Стокхолмскиот архипелаг е најголем архипелаг во Шведска. Во архипелагот живеат околу 3000 жители, кои главно се занимаваат со риболов. Тука езерото Маларен се влева во Балтичкото Море. Оваа област е особено привлечна за туристите.
Градот зрачи со свежина и спокојство, на кои придонесуваат бројните паркови. Зеленилото опфаќа една третина од градот, поради што Стокхолм е прогласен за европски град на зеленило. На листата на УНЕСКО се наоѓаат кралската палата Drottningholm и гробиштата Woodland. Еден од најубавите примери на светската архитектура е градското собрание – Stadshuset, изградена во ренесансен стил.
Забавен парк Gröna Lund
Овој забавен парк се наоѓа на морскиот брег на островот Djurgarden и е најстариот забавен парк во Шведска. На ова место можете да уживате во повеќе од 30 атракции, а местото е популарно и поради бројните концерти кои се одржуваат, особено во текот на летото.
Начин на живот
Швеѓаните се секогаш во движење и сакаат активен живот. Често пати ќе ги видите како вежбаат, возат велосипеди и сл. Либерални се и образовани, така што секогаш ќе можете да добиете корисни информации, како и да водите пријатни и квалитетни разговори. Нивниот оптимизам и живописниот дух зрачат во секој агол на градот, па ќе се чувствувате многу убаво додека го истражувате овој нордиски град.