На 10. мај 1989 година, Димитар Илиевски Мурато успеа како прв македонски алпинист да го искачи Монт Еверест. По искачувањето не успеал да се врати во базниот логор и официјално се води како изчезнат.
Македонските планинари, но и многу други граѓани долго ќе го паметат разговорот меѓу Димитар Илиевски-Мурато и членовите на македонската алпинистичка хималајска експедиција, од 10 мај 1989 година, точно во 18 часот по локално време.
– Диме како си?
– Ептен убо…, одговора Диме, со битолски дијалект.
– Диме сите сме горди со тебе! Браво Диме!
– И ние тука сме среќни, одговора Диме, придружуван од локалните Шерпаси Сонам и Аџива и двата планинари од Хрватска и Словенија, Стипе Божиќ и Вики Грошељ, сведоци на историскиот настан.
Македонија! Мацедониа! Е,ееее Македонија – пееја, тогаш македонските планинари и неколку Шерпаси, точно пред 30 години.
Димитар Илиевски е еден од најголемите алпинисти во историјата на македонскиот алпинизам и спортот воопшто. Се одликувал со фрапантна љубов кон планините и непоколеблива амбиција за соочување со најтешките предизвици. Во својата богата алпинистичка кариера се има искачено на повеќе планински врвови.
Македонските алпинисти во негова чест и оваа година ќе учествуваат на јубилејниот 30-ти планинарски марш кој од Битола ќе води до „Димев Врв“ на планината Баба кој се наоѓа на неколку метри под врвот Пелистер.
Оваа година, маршот ќе биде најмасовен со пријавени околу 2.000 планинари од нашата држава и странство. За својот подвиг, Димитар е одликуван посмртно со Медал за заслуги за Македонија и е прогласен за „Великан на спортот“.