Категории

Сите имаме некој кого го немаме…

Сите имаме еден дел од душата кој останал некаде таму, сраснал со некого засекогаш. И не му можат ништо ни дождот, ни ветровите, ни годините, ни друга среќа, ни тага. Тоа е едноставно така. Можеби така и треба да биде. Не е човек паметен.

Сите ние имаме некој таму далеку чии гради ни биле гнездо за хранење на гладните страсти. Комплетно сме му дале сѐ од себе. За нас тој бил сѐ…

Некој на кого напамет му ги знаеме младежите и брчките по лицето. Некој на кого би знаеле да му ги нацртаме усните мижејќи. Некој со кој како со стар добар пријател некогаш сме зборувале во тишина. На чија помисла ни се појавува онаа чудна насмевка на лицето, која не може да се стави во ниедна категорија, таа е недефинирана.

Сите имаме некој кој ни бил среќа и кога не е тука. Кој сме сакале да биде, но не било судено. И нема врска со онаа изрека така требало да биде, што реалноста е поинаква и што постои причина за тоа, нема врска со рационалноста. Затоа и е така. Некој засекогаш туѓ, а наш…

Некој за кој кога ќе ги раскажувате приказните на децата за поранешните љубови, ќе измами воздишка. Иако сме среќни со некој друг, со кој имаме дом. Тој е тој. Но, тој некој таму… тој беше некој кој сакавме да биде „ТОЈ“. И бевме подготвени на сѐ, не знаејќи дека кога тоа е тоа, тогаш не треба ништо повеќе – само душите се поклопуваат и стануваат едно срце кое дише.

Некој чија слика ја чувате без причина иако во главата постојат цели албуми. Некој за чија насмевка се продава душата на ѓаволот. Чии допири ја палеле кожата како оган. Од чии зборови растеше душата и прелеваше. Кој нѐ болеше, а можеби и не беше свесен за тоа, не ни можел да биде.

А можеби и знаел, иако не е веќе важно, тоа нема ништо да смени. Останува само тој некој кого го немаме, а можеби никогаш не сме го ни имале. Но за нас, тој бил почеток и крај, некој кој ја растргнал невината душа и срцето и чии погледи засекогаш останале врежани во краевите на очите.

Некој кому сме му пишувале писма, а никогаш не сме му ги пратиле. Некој со кој во мислите сме поминале еден цел живот. И сѐ не било лесно. Само така, затоа што така сме сакале.

Сите имаме некој кого го немаме… И на сето тоа не потсетува овој обичен есенски ден, гласот на случајниот минувач или песната на радио. Па застанува мислата, застанува времето. Па повторно назад, сѐ по старо, продолжуваме со својот живот.

Прегледи:
972
Објавено на:
18.12.2019