Ловец на змејови е роман кој ќе го растопи и најтврдото срце. Не постои никој кој е толку храбар кој нема да ги пушти солзите да леат врз страниците на овој роман.
Болката, страдањата, предавството, срамот, но и љубовта се така објаснети што читателот се соживува со личностите.
Со Амир, син на богат трговец, со неговиот најдобар другар Хасан, со жителите на Кабул. И војните. Војни. Постојано војни. Амир, приповедачот на книгата, на почетокот нѝ ги објаснува неговите случки, соништата и созревањето во Кабул, Авганистан. Тој не сонува сам. Никогаш… Со него е неговиот најверен другар, близок како брат, син на слуга – Хасан.
Нивните момчешки денови се идилични, поминати во летање змејови и сонување со отворени очи под јаболкницата за тоа што носи иднината. Идилата е прекината со грубиот налет на Советската инвазија на Авганистан, по што Амир и неговиот татко успеваат да емигрираат во САД.
Далеку од сè, далеку од Авганистан, неговиот дом и Хасан, Амир се надева дека ќе заборави еден ден, еден кукавичен момент и совеста која целосно го јаде внатре длабоко во себе. Никогаш!
Летач на змејови е толку живописна, трогателна приказна за пријателството, искупувањето, за љубовта, војната – човечкото лудило…