Рецепционерот Талат од Тетово во хит серијата „Преспав“ успеа за кратко време да ѝ стане миленик на публиката. Зад неговиот лик се крие актерот Дритон Вејсели, кој ни открива дека за време на снимањето на серијата се чувствува како да е на терапија за смирување во ова лудо време на корона.
„Епа, имам ексклузива, ја откривме вакцината за корона кај нас во пансионот, ама тоа наскоро ќе видите“, вели на шега Дритон Вејсели, кој ја најави петтата сезона на „Преспав“ од средината на декември.
Како син на угостители, вели дека лесно се снашол во улогата на Талат. „Растев во слаткарницата на моите родители и таму научив сешто. Па дури и онаа љубезност која мора да ја имаш со муштериите. Ако ме прашуваш дали сакам да јадам благо, преку глава ми е“, на шега вели актерот чие семејство веќе 50 години ја работи популарната скопска слаткарница „Малага“.
Низ муабетот дознавме сешто: од тоа дека нема возачка дозвола, ниту пак дека е вработен во некој од театрите. За средношколските денови во Уметничко, улогата на Талат и како ја добил, но и за тројцата браќа, за традиционалните вредности, семјството, приказните за „Малага“, зошто слабо му оди со девојките, како е на снимањето на „Преспав“, со кого се дружи од екипата…