„Решив да го задржам моето презиме, оти ако го сменев, веќе немаше да бидам вистински ‘Цветче’, затоа што прекарот ми е од презимето“, вели Кике.
Таа не била типична невеста. На регистрацијата носела патики, а Иван бил облечен во дуксер. Немале ни бурми. Откако се венчале, си нацртале прстени со маркер.
„Нашите фамилии не беа на венчавката и уште имаат надеж дека еден ден ќе има некаква свадба. Требаше да имаме прослава во летото 2020, но се случи пандемијата. Ама и ако правиме свадба, штикли нема да носам, тоа е измачување за моите нозе“, раскажува Кике за „Репортер“.
Заедно се веќе осум години. Се запознале на факултетски протест. Муабетот им тргнал од прва и веднаш почувствувале блискост и голема поврзаност. Велат, и денес се најдобри другари кои можат да разговараат за сè и си помагаат во сè што прават. Па, кога пред една година Кике решила дека треба да ослабе, Иван ѝ бил најголемата поддршка. Сега таа има 40 килограми помалку и е среќна оти изгледа помладо и повитално.
Иван, пак, вели дека Кике му го дава најголемиот поттик да се занимава со музика. Тој неодамна го заврши својот прв албум и ќе го промовира на 15 јуни.
„Знаеш, јас пред да бидам јутјубер бев музичар. На девет години почнав да рапувам и го напишав првиот текст. Таа визија дека ќе станам познат јутјубер во Македонија сум ја немал никогаш. Само го правев тоа што ми е интересно и го објавував на Јутјуб“, ни кажа Иван.
Од каде им се прекарите Ајнштајн и Цветче, љубовната приказна на најпознатиот јутјуберски пар, кој пее, а кој слабее, ќе прават ли свадба, за животот на социјалните мрежи… гледајте го интервјуто.