Реал Мадрид вчера лесно го совлада Хетафе на гости со 1-5 и се доближи на само еден бод негатива до лидерот Барселона. „Кралевите“ се искачија на второто место на табелата, но денеска своите натпревари ќе ги играат Атлетико Мадрид и Барселона. Тренерот Зинедин Зидан вели дека неговиот тим ќе ја ’брка’ Барселона до самиот крај и дека не се откажува од титулата.
„Останаа уште пет кола до крајот, а притисокот е кон Барселона. Тие не смеат да си дозволат „кикс“, а ги имаа неколку на изминатите натпревари. Тешко е да се игра на секои три дена, но ние ќе ја ’бркаме’ титулата до самиот крај. Се е можно во завршницата, а ние ќе се обидеме да бидеме најдобри токму сега, на крајот. На Кристијано Роналдо не му е потребен одмор, тој се движи лесно, игра добро и постигнува голови. Целиот тим функционираше одлично со Хетафе, но ние веќе мислиме на следните искушенија“, изјави Зинедин Зидан.
Реал Мадрид веќе в среда ќе го пречека Вилјареал во новото коло од Примера.