Најголемата радост во македонскиот спорт полни 14 години, на денешен ден Кометал Ѓорче Петров стана европски шампион.
И спортските вљубеници и оние што не се зависни од тапкањето на топката, на 19 мај 2002 година го гледаа финалето од Лигата на шампионите, реваншот меѓу Кометал и Херц и еуфорично ја прославија победата.
Кометал дојде од Унгарија со пораз како победа. Уште таму и тогаш им беше јасно и на домаќините и на сите гледачи дека негативата од 25-27 е премала да се запре супериорниот шампион на Македонија. Во преполно „Кале”, со мотиви до небо, наострено од загубеното финале три години претходно (од Хипо), ракометарките влегоа на терен и излегоа со победа од 26-22.
Се виеше оро на „Македонско девојче”, од звучникот ечеше специјално компонираната „Кометал шампионе”, а Македонците не можеа да ги контролираат емоциите кои извираа поради првиот шампионска круна во нашиот екипен спорт. Гордана Нацева, Индира Кастратовиќ, Валентина Радуловиќ, Олга Бујанова и сите од тимот на Александар Панов веќе беа хероини и идоли на новата генерација, а сега само го врежаа својот победнички татнеж во спомените.
Деценија и пол подоцна Македонија повторно има тимови за респект на европската ракометна сцена и дури и да се израдува повторно на титула, засекогаш ќе остане запаметена екстазата која ја предизвика единствениот – Кометал.
https://www.youtube.com/watch?v=sxyt3ZSmgFQ