Категории

УХМР: Саботното невреме со веројатност на појавување еднаш во илјада години

 Регистрираниот рекорден интензитет на невремето што во саботата доцна попладнето ја зафати Скопската котлина е со веројатност на појавување од 0,1 отсто или еднаш во илјада години, соопшти во понеделникот попладнето Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Според УХМР, невремето траеше пет часа, од 17:20 до 22:10, во два интензивни налета и кратко десет до 20-минутно затишје со послаби врнежи. Вкупната количина врнежи според дождомер изнесува вкупно 92,9 милиметри.

Од Управата го истакнуваат измереното екстремно количество врнежи со петчасовно траење и интензитет од 51,71 секунди на хектар. На главната метеоролошка станица во Скопје, на Зајчев рид, е забележан рекорден интензитет за петчасовни врнежи од 84,5 милиметри што историски гледано е скоро двојно повеќе од досега измерените 49,2 милиметри во 1996 година.

На метеоролошката станица Скопје – Петровец, досега е измерен петчасовен интензитет од 55,5 милиметри во 1981 година.

Во текот на завчерашното невреме, интензитетот на едночасовните врнежи (19:30-20:30) е 36,1 милиметар што е втор по големина во досегашните историски мерења на Зајчев рид.

УХМР ги анализираше податоците од автоматските метеоролошки станици на Зајчев рид, Гази Баба и Карпош. Екстремен интензитет е забележан на станицата Гази Баба во 17:50 часот каде за десет минути наврнале 15,9 милиметри.

Невремето беше проследено и со многу силен ветер чија брзина во 17:30 часот на Зајчев рид била максимални 22,7 метри во секунда.

Прегледи:
439
Објавено на:
08.08.2016