Категории

Зошто жените сакаат романтични текстови?

Дали некогаш сте помислиле „ова што го читам сега, некогаш требаше да му го кажам…“? Колку пати сте се прекориле дека вие не сте храброто срце кое се претставувате, туку сте срце станато пурпурно од притискање на емоциите?

Друг ја раскажува вашата приказна

Читате мисли на некоја девојка/дечко, во неговото искуство ја препознавате својата приказна и велите да, тоа бевме јас и тој некогаш.

Ве ежи како гола кожа дождот, како чкрипењето по табла со креда, како маица од лоша синтетика… Како претстава на сенки ви се враќаат ликовите од минатото, поживи од било кога, и на плеќите ви го натоваруваат сето каење на овој свет.

Разбудени сомнежи

Зошто не можевте да гукнете, кога требаше да врескате колку многу го сакате? Зошто во себе не можевте да пронајдете трпение и истрајност за него, кога носевте толку многу љубов?

Надмена некогаш, сега читате текст кој го напишала можеби некоја девојка во 20-тите и не можете да престанете да липате затоа што успеа да ги пробие вашите цврсти завеси за јавноста, да ѕирне што има зад сцената и да ве види вас без театарските светла.

Се чувствувате соголена како просјаче во зима, кога токму некои од неговите зборови ќе ги пронајдете црно на бело напишани: „Не си доволно силна за да ја издржиш нашата љубов“, „Ме сакаше, но не доволно за да им се спротивставиш на другите“, „Сум и ќе останам само уште една жаба која си ја бакнала во твојот живот, ти си зависна од адреналинот на потрагата на принцот, не ме барај кога ќе останеш сама“…

Едни исти љубовни приказни

Секоја девојка има херој со песна која ја потсетува на него, место на кое се уште го чувствува неговиот мирис, љубов која не и е возвратена, срце кое е еднаш скршено. Секоја била нечија најголема љубов, нечија неостварена желба или нечија непреболена. Секоја има мажи кои ги изгубила и мажи кои допрва ќе дојдат.

Секоја чувствува носталгија по чувството да го сака, но и олеснување дека повеќе не ја боли, има листа на мажи кои ја сакале и мажи кои ги сакала, а често тие не се поклопуваат.

Силни емоции

Поспана и боса, склопчена во креветот со перница натопена во солзи, се прашувате како некој може да го живее вашиот живот…

И не, тоа не се евтини приказни, таму некаде навистина постои таа нежна девојка со дупчиња на образите, тој дечко што и направил срце од листови од бели рози за неа, но и тој Казанова што ја заменил со друга за ноќ.

И они се среќни и нив ги боли, такво е возењето на ролеркостерот на љубовта. Но запомнете, не сте сами!

Прегледи:
529
Објавено на:
07.09.2016