Категории

Македонија слави 25 години независност

Скопје, 8 септември, 2016 – 10:07 (META) 

Република Македонија денеска го одбележува 8 Септември – Денот на независноста. На денешен ден во 1991 година, се одржа референдумот на кој граѓаните со обедливо мнозинство од над 95 отсто се изјаснија за самостојна и независна држава, одговарајќи позитивно на референдумското прашање: „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“.

Претходно, на 25 јануари 1991 година првиот повеќепартиски македонски Парламент ја усвои Декларацијата за незавиност.

На 17 ноември 1991 година Собранието го донесе новиот Устав на државата, што беше следен важен чекор во зацврстувањето на државноста.

Прва држава која ја призна Македонија како независна и самостојна држава беше Република Бугарија. На 8 април 1993 година со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации Македонија беше примена за 181 полноправна членка на Светската организација. Поради противењето на Грција околу спорот со името, Македонија во Обединетите нации беше примена под привремената референца Поранешна југословенска Република Македонија.

По повод одбележувањето на Денот на независноста собраниска делегација во состав Љупчо Димовски, Даниела Рангелова и Лидија Димова денеска во 11 часот во паркот „Жена борец“ ќе положи венец свежо цвеќе на споменикот „Паднати херои за Македонија”.

Во Свечената сала на Собранието во 12 часот, Одборот за доделување на државната награда „8 Септември“ ќе врачи една награда за животно дело и четири награди за остварување во областа на спортот во 2016 година, кои се доделуваат на спортисти, тренери и спортски работници. Добитници на државната награда „8 Септември“ се Андон Дончевски, Агим Ејупи, Сашко Поповски, Добре Маринков и Фоти Ѓатовски.

Синоќа, во пресрет на државниот празик во Македонскито народен театар се одржа свечена академија на која се обрати претседателот на државата Ѓорге Иванов. Свечената академија е централниот настан на Владата за одбележување на 25-годишнината од независноста на државата.

Прегледи:
512
Објавено на:
08.09.2016