Категории

Денес бесплатен автобуски превоз, влез во зоолошка, кино и музеј

На првиот ден од месец октомври по дванаесетти пат во Скопје ќе се одржи „Бела ноќ“. Од организацијата најавуваат многу побогата програма од досегашна, а во метрополата на неколку точки ќе има случувања од различен карактер за сечиј вкус.

Така, најавуваат голема изложба на американски поп-арт, распослана на три страни во градот: Музејот на град Скопје, Музејот на современа уметност и Младинскиот културен центар – МКЦ. Повеќе од 100 графички дела од шесте култни: Енди Ворхол, Рој Лихтенштајн, Роберт Раушенберг, Џон Чемберлејн, Том Веселман и Џејмс Розенквист.

На плоштадот „Македонија“ во 21 часот француската спектакл-трупа „Compagnie des Quidams“ нè дочекува со нејзиниот последен звучно-светлосен перформанс. Потоа во 22 часот ќе се одржи уште еден театарски перформанс. Од Полска, со 30-метарска арка која претходно ќе плови по скопските улици трупата „Teatru osmaego dnia“ во 22 часот ќе настапи на плоштадот „Македонија“.

Оние што ќе одат во МКЦ ќе имаат можност да проследат концерт на култната белградска група „Дисциплина кичме“, по повод издавањето на новата плоча именувана „Опет“; швајцарските рокенрол гараж-херои од бендот „Roy & the Devil’s Motorcycle“ и македонскиот инструментален пост-рок квартет „Khara“.

Во џебното кино на МКЦ ќе има одличен перформанс на големите јапонски уметници Yoshio Machida и Maiko Date под наслов „Sound is Body, Body is Sound“.

Секако, филмскиот маратон под отворено небо во Градскиот парк, изложбите во Културно-информативниот центар, како и секогаш, ќе бидат дел и од оваа „Бела ноќ“.

Влезот во Зоолошката градина, од 12 до 18 часот, и оваа година ќе биде бесплатен, а возењето во градските автобуси на ЈСП кои сообраќаат кон централното градско подрачје исто така ќе биде бесплатно од 19 часот до раните утрински часови.

Прегледи:
306
Објавено на:
01.10.2016