Категории

Баба Олга од „Иде Дунав“ денес е бизнисменка

Немаше спас, опасно беше. На своју, како да кажу вољу да искочимо, искочисмо надвор, кад погледнамо иде Дунав. Значи на своју вољу, ризик јак, мила душа и да погинеш колко можеш ќе се спасиш.

Оваа легендарна изјава од 2005 година по поплавите во Кумановско ја знае цела Македонија. Но ретко кој ја знае Олга Денковска – жената која по страшните поплави застана пред камера и на свој начин ја опиша драмата што се случувала.

Иако цела Македонија до ден-денес, и по 11 години, на шега ги користи овие нејзини зборови, ретко кој знае како изгледа и што прави денес Олга. Ја посетивме во нејзината куќа во Старо Нагоричане. Ведра и насмеана, нè прими во нејзиниот двор. Прво што ни кажа е дека е многу лута поради тоа што, како што вели, многу луѓе заработиле од нејзината изјава, а таа не добила ништо.

Вели:- Заработија на мене, го продава видеото, на интернет, по телевизии, а мене ништо не ми дадоа. И што, што ако сум популарна“.

Но баба Олга, која има три внучиња, не го вели тоа револтирано, туку низ шега и смеа. Во нејзиниот крај и во малото Бели Грамади каде што живее е вистинска ѕвезда. Кога прашувавме каде живее баба Олга, сите веднаш се насмевнуваа и ни велеа: „Иде Дунав“.

Баба Олга има кафеана кај бањата Стрновац. Па затоа со право себеси се нарекува бизнисменка.

– Вака да напишете: бизнисменката Олга од видеото „Иде Дунав“ живее на село, молзе крави, чува внуци, прави зимница, има кафеана – вели низ смеа.

Баба Олга искрено ни призна дека некогаш ја користи нејзината слава. Пред неколку години била во Градска болница за снимање на ногата каде што се чекало со месеци за да се закаже термин. Таа отишла во ординација кај докторот и му рекла „Иде Дунав, ризик јак“. И докторот збунето ја погледнал. Тогаш Олга му рекла, знаеш која сум јас. Јас сум Олга од видеото од поплавите во Куманово. На докторот му текнало на нејзината изјава и ѝ рекол да почека малку. Кога се вратил, ѝ рекол дека ќе ја снима меѓу двајца пациенти, преку ред, без да закаже.

Иако ја насмеа цела Македонија, баба Олга во животот преживеа две големи катастрофални поплави. Првата во 2005 година, кога надојдените води на Пчиња го поплавија Куманово. Најдраматично било токму кај бањата Стрновец, додека таа била на работа во кафеаната. Поплавата целосно ѝ го уништи бизнисот. Ни раскажа дека ѝ биле потребни многу години за да ја врати кафеаната во живот. Во кампот имало уште дваесетина луѓе кои заедно со Олга истрчале во викендичка во близина. Повикале полиција, но до нив не можело да се стигне поради најдојдената вода. Кога спасувачите едвај се пробиле со градежни машини, Олга и другите луѓе биле спасувани со јажиња.

Вториот пат, во поплавите во 2010 година, Олга ја спасиле со хеликоптер. Драмата траела од 3 часот до раните утрински часови. Олга и уште тројца вработени во кафеаната едвај се спасиле. Четири часа се бореле со водата за да стигнат до некој објект, каде што се засолниле и од каде што биле извлечени.

Иако и тогаш кафеаната ѝ била поплавена, баба Олга успеала повторно да застане на нозе. Денес вели дека е задоволна од бизнисот и дека заработува за пристоен живот.

Извор : telegraf.mk

Прегледи:
1198
Објавено на:
23.09.2016