Категории

Бела ноќ утре во Скопје

Годинешново 13-то издание на манифестацијата БЕЛА НОЌ, што  ќе се одржи, утре /7 октомври, сабота/, ќе има квалитетна програма којашто посетителите ќе може да ја видат на неколку точки во градот.

Како и изминатите години ќе има  изложби, концерти, перформанси,  бесплатен филмски маратон во Кино Милениум… и музички спектакл.

Во галеријата на Младинскиот културен центар ќе биде поставена изложбата на графики од генијалниот Салвадор Дали, „Помеѓу ѕвездите и басните“.

Оваа колекција е сочинета од дела од опусот „Вечерите на Гала“, „Божествената комедија“ и познатите Далиеви коњи, како и една скулптура во позлата, наречена „Жена жирафа“ или вкупно 29 дела од најголемиот надреалист.

Шпанскиот уметник ги илустирал познатите басни како „Гавран и лисица“, „Коњи и волк“, „Лавовиот  двор“, „Болниот елен“. Оваа серија бакрорези е создадена во 1974 година и е печатена на 250 графички табли, кои се чуваат во многу галерии низ целиот свет. Изложбата е организирана во соработка со уметничката галерија „Висконти“ од Љубљана и Централноевропскиот културен центар од Нови Сад, а ќе биде поставена  до 7 ноември.

На Плоштадот Македонија, во 21 часот, фантастичната корејската трупа Tago&АtoBIZ ќе го претстави својот музички спектакл, перформансот „Таго: Корејски тапан 2“,  со кој настапувале низ целиот свет, на сите континенти, на најпрестижните театарски фестивали во Европа и во светот.  Во спектаклот учествуваат околу 30 актери, танцувачи, изведувачи и членови на оваа светска атракција,  коишто присутните ќе ги почестат со свој 70-минутен перформанс носејќи ги во сосема друг свет.

Заборавете на стресот и вратете ја назад вибрантната енергија во вашиот живот. Одличен микс на корејски традиционални инструменти, почнувајќи од огромни тапани, до мали перкусии со доза на древни боречки вештини, чијашто  цел е да го збогатат перформансот со динамични движења.

Ова гостување во рамките на Бела ноќ е во соработка со фестивалот МОТ, т.е. во МОТ+ програмата.

Во горното фоаје на кино Фросина, во Младинскиот културен центар, ќе биде поставена изложбата „Сексот и револуцијата“. Авторскиот тим Катерина Станковиќ – Бјеговиќ, ликовна уметничка и Јелена Живковиќ, историчарка, ни ги претставуваат љубовните тајни на некои од најголемите имиња на револуциите.

На платото на Младинскиот културен центар ќе настапат:

– Barbarisms – тричлен бенд од Стокхолм, предводен од американскиот композитор Николас Фараоне;
– Conquering Lion – даб/реге/кросовер бенд од Тетово, кој своето творештво го започнува во април 2007;
– Ninos Du Brasil – перкусионистичко италијанско дуо, со позадина од бразилската карневалска музика;

Во Џебното Кино на МКЦ го најавуваме соло-настапот на Алекс Јонсон од Данска, наградуван гитарист, композитор и импровизатор.

И годинава Градско Кино МИЛЕНИУМ со уште еден бесплатен филмски маратон за БЕЛА НОЌ, а за љубителите на филмската уметност  го носи новиот филм на режисерката Лабина Митевска.

Организатор на манифестацијата БЕЛА НОЌ е Младинскиот културен центар, а Градот Скопје, како покровител, за успешна реализација на оваа специфична ноќ исполнета со уметност и музика, од Буџетот за 2017 година одвои 3 милиони денари.

На денот на одржување на БЕЛА НОЌ, организирано е бесплатно возењето во градските автобуси на ЈСП кои сообраќаат кон централното градско подрачје, од 19 часот до раните утрински часови.

Прегледи:
377
Објавено на:
06.10.2017