Категории

Безбедно ли е да се трча на 30+ целзиуси?

Летото дојде, температурите ја почнаа трката во искачување, Македонија за викенди е празна… а ти сакаш да трчаш. Постои ли нешто како „прежешко за трчање“?

Со температури од 30-40 и кусур°C , нормално е човек да се запраша дали можеби трчањето во такво топло време не е добра идеја. Но вистината е дека тоа е нешто што е вообичаено низ светот; видете ги сите тие натпреварувачи во потоплите клими како Кенија, Етиопија и Јапонија, каде просечните температури се 25°C.

Трчањето на топло време е ризик, но за одредени групи луѓе – како децата, постарите лица и бремените жени. Но сé додека вие останатите ги преземете соодветните превентивни мерки, трчање на 30-35°C e океј.

Колку за споредба, има солиден број на натпревари во трчање кои се одвиваат во екстремни жештини (над 35°C). Еден пример е  135 милји (~217 километри) долгиот маратон Badwater во Долината на смртта во Калифорнија, каде температурите знаат да скокнат и до 50°C. Го имаме и годишниот Marathon des Sables – 5-дневен маратон низ Сахара во Мароко, каде температурите исто така достигнуваат 50°C. Ова се смета за најтешката трка во трчање на планетата.

Овие примери, тврдат од Универзитетот во Кингстон, се доказ дека со доволно подготовка, со доволна хидрација и со „имање усул“ околу тоа колку напорно трчате – е сосема можно безбедно да се трча на високи температури. Но да не се излажете, овие трки не се стандард, туку исклучок – бараат мноогу подготовка и аклиматизација, и такво трчање не се препорачува без темелен тренинг.

Сепак, да се вратиме на обичните смртници. Трчањето на 30-тина °C си носи свои ризици: може лесно да предизвика дехидрација и прегревање, што може да доведе до мускулни грчеви, прекумерно потење, главоболки, лошење, замор и зашеметеност. Перформансите исто така можат да ви страдаат, и може да увидите дека не сте способни да трчате со истото темпо или да ја истрчате истата должина како при поблаги температури. Исто така, при вежбањето на жешко време не се исклучени сериозни здравствени последици, како топлотна исцрпеност, која може да резултира и со топлотен удар.

Сето ова може да биде избегнато ако едноставно си го слушате телото и ги преземете потребните превентивни мерки: пиење на доволна количина течности за да останете хидрирани, избегнување на трчање во најтоплите периоди во денот (особено од 11 до 15 часот), носење на лесна облека што „диши“, намалување на редовното темпо, но и земање во предвид на потребниот период на аклиматизација на телото кон температурата – кој може да трае и до 14 дена.

Извор:Здравје 365

Прегледи:
412
Ознаки:
· · ·
Објавено на:
19.07.2017