Категории

БИТКА ЗА ЖИВОТ – СПАСЕТЕ ГО КИКО!

Кога ако не сега – разбудете се и ПОМОГНЕТЕ! Со денови, недели и месеци сме сведоци на разни-разни фудбалски глупирања, обвинувања и битки. Битки со афери, скандали и финансиски малверзации. Интересите со години го отепаа овој наш фудбал каде ретко кога може да се наиде на подадена рака за помош, за единство…. И додека фудбалот ни тоне, тонеме и сите ние со него. И ние како новинари сме дел од оваа темна слика која може да биде и црна. Црна!? Не поради резултатите, дебаклите и злоупотребите на функции. Малкумина знаат дена сите овие недели по 24 јануари во болницата „Св. Еразмо“ во Охрид лекарскиот тим се бореше и се бори за животот на младиот фудбалер Кристијан Стоилков. Ова дете е ЗАБОРАВЕНО! Заборавено од сите нас, но најмногу од оние фудбалски „ламји“ кои со децении го опустошија фудбалот во земјава.

Собравме сила и се појавивме во Охрид кај Кико! Сликата фатална, атмосферата трагична. Младо момче на 20 години лежи беспомошно. Тешко на таа мајка и таа фамилија која сите овие денови се тресе за животот на своето чедо. Тешките повреди на главата, операцијата, рехабилитацијата… не може полошо да биде. И така таму, во Охрид, заборавен од сите Стоилков се бори со најважниот натпревар. Сега и не е битно толку кој е виновен на тој кобен тест меч со Брегалница и стартот со Иван Митров. Тоа е момент, битка за топката, желба за победа… Настрада ова момче на тој дуел по кој за него и неговата фамилија животот повеќе не е ист. Имал среќа при брзата интервенција од колегите и лекарите на теренот, а потоа и максималниот напор на лекарскиот тим во болницата. Кико е подобар…. Не може да се движи, левата рака и нога не се во функција. Сето тоа е последица на тој фатален старт на Митров и двојниот удар во главата. Ова момче е борец. Го гледам и не можам да поверувам… До вчера го гледав како се бори меѓу диреците и во дресот на Турново, а сега еве го пред мене лежи и се бори за својата иднина. Не постои човек кој би можел да остане рамнодушен на целата оваа приказна. Но, ме чуди тоа што освен од Хоризонт Турново никој друг не се ни обиде да праша како е Кико!? Ги нема никаде! Ги нема ниту од ФФМ, ниту обединетите за фудбал, ниту синдикатот кој треба да се бори за фудбалерите, а за клубовите и да не трошиме зборови.

„САКАМ ПОВТОРНО ДА БРАНАМ….“

Каде е фудбалерчето? Во која соба? Така влегов во болницата во Охрид и веднаш сите знаеја за што станува збор. Болничарите со воздишки коментираат за положбата во која бил Стоилков при повредата, но сите се обединети и согласни дека голманот на Хоризонт Турново ќе биде добро. Веднаш нè однесоа кај него, во собата… Таму Стоилков ги минува овие тешки денови. Чека судбината повторно да биде негов сојузник и да му даде втора шанса. Ја добива ова момче втората шанса за живот, но барем засега не се знае дали ќе добие и втора шанса за да му се врати на фудбалот.
“Ви благодарам што сте тука…“, зборува младиот Кико при мојот влез во собата. Знаеше дека доаѓам затоа што му најавив еден ден пред да тргнам за Охрид.
„Подршката многу ми значи иако ја имам само од моите најблиски и клубот. Минав низ пеколен период. Сега сум подобро благодарение на комплетниот лекарски тим тука, во болницата во Охрид. Тие го спасија мојот живот и на нив сум им вечно благодарен. Но, мојата битка не е завршена. Допрва следува најтешкиот дел. За моментот при судирот со Митров не се сеќавам многу. Но, сакам пак да бранам, сакам да сум во фудбалот затоа што тоа е мојата најголема љубов. Знам и свесен сум дека ќе биде тешко да се вратам, но ќе се борам!“, најавува Стоилков, чиј говор исто така е со проблеми токму поради тој фатален, старт, таа фатална повреда….и тешката операција на главата.

ЛЕВАТА СТРАНА НЕ МУ ФУНКЦИОНИРА

Голема лузна на черепот од околу 15 сантиметри! Тоа е сликата на местото каде Стоилков го доби фаталниот удар при настапот за Хоризонт Турново на тест дуелот со Брегалница. Ова момче од пред неколку дена почна да се движи со помош на помагала. Неговата лева страна речиси е во функција…
“Не можам да се движам слободно. Левата рака и нога засега не ми функциинраат поради оштетувања на нервите во тој предел од телото. Лекарите ми даваат утеха дека постои спас. Јас верувам во нив и се надевам дека ќе го надминам овој голем проблем“, коментира младиот голман за проблемите кои ги има по оперативниот зафат на главата.

ДОАЃААТ ПРОБЛЕМИТЕ – СЕГА ТРЕБААТ ПАРИ

Кристијан Стоилков уште треба да се бори. Барем засега имаше гарантирана лекарска нега и надзор во клиниката во Охрид. Но, минаа деновите кои според законот во оваа наша земја се предвидени за „гратис“ лекување. Сега претстојат новите битки за Кико. Сега треба да се погледнеме во очи и да видиме какви луѓе сме сите ние кои сме во фудбалот. Затоа ние како „Македонски спорт“ ја покренуваме оваа иницијатива за помош на Кико. Сега треба да се платат сите следни третмани, прегледи, терапии и рехабилитации.

Според разговорите со лица од болницата, Стоилков треба деновиве да замине на преглед во Скопје. Од таму ќе се знае што понатаму. Потребно е лекување во специјализираниот центар за вакви повреди во Словенија. Хоризонт Турново има проблеми со финансии, исто и фамилијата на Стоилков не може сама да ги подмири потребните трошоци. Сега на потег сте ВИЕ! Сега да ве видиме вас „фудбалски“ работници кои со години ги „тероризирате“ парите од фудбалот. Сите вие фудбалски функционери, делегати…. „јагнешки бригади“, и што  уште не. Сите вие треба да се откажете од еден оброк или дневница за да му помогнеме на ова дете кое настрада на фудбалски меч, за својот клуб и за својата подобра иднина. Тогаш немаше среќа, а сега му е потребна помош! Ова се тешки повреди за кои треба временски период, трпение, нерви, но и многу финансии.

СТОИЛКОВ МОЖЕ ЦЕЛОСНО ДА ЗАЗДРАВИ

Македонски спорт во разговорот со лекарскиот тим кој е задолжен за лекувањето на Стоилков во Охрид дозна дека неговата ситуација во моментов е специфична од медицинска гледна точка, но дека сите се оптимисти.

„На Кристијан во моментов му е неопходна лекарска нега. Тука нема дилеми. Неговиот организам ќе може целосно да се рехабилитира, но само ако е под константна нега, односно  е под рехабилитациски третман. Ние во оваа установа имаме капацитет да се грижиме за него, но тоа треба на момчето да му се овозможи. Што е до нас, ние ќе направиме сè за Кристијан целосно да заздрави, за што секако потребно е многу време и напор. Првенствено од самиот пациент кој мора третманот да го практикува во целост и да има голема волја и желба во себе“ – велат од лекарскиот тим пред да му заврши дваесетневниот престој на Стоилков во болницата Св.Еразмо во Охрид.

http://www.sport.com.mk/

Прегледи:
474
Објавено на:
05.03.2016