Категории

БОГ СЕ ЈАВИ! – ДЕНЕС Е БОГОЈАВЛЕНИЕ, ВОДИЦИ

„И штом се крсти, Исус веднаш излезе од водата. Одеднаш Му се отворија небесата, и Го виде Духот Божји да слегува како гулаб и да се спушта над Него. И ете, глас од небесата говореше: Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја.“ – (Матеј 3, 16-17)

Во околината на Јордан проповедал Јован Крстител, кој велел:  Се приближува царството небесно, доаѓа очекуваниот Месија, исповедувањето е потребно за влегување во царството небесно. Исус Христос, пред да почне јавно да го проповеда своето учење, од Галилеја дојде крај Јордан и му дозволи на Јована да го крсти, поради што Јован се нарекува Крстител.

Во спомен на Христовото крштевање црквата воспостави празник: „Крштевање на Господ односно Богојавление -„Водици“. Овој празник е еден од најголемите христијански празници. Познато е дека се празнувал уште во вториот век од христијанската ера.

Овој празник се нарекува уште и Водици, заради големиот водосвет, што го извршува Црквата на овој ден. Големиот водосвет е симбол на обновувањето на нашата огревовена природа и на целиот космос преку вода и Дух.  За осветувањето на водата и за чудесата на осветената вода Св.Јован Златоуст во својата беседа за крштевањето вели: „Овој е ден во кој Христос се крсти и ја освети природната вода. На полноќ на овој празник сите црпат вода и ја носат во своите домови и ја чуваат со години. Водата не се расипува“.

На празникот Водици завршуваат и таканаречените некрстени денови. Крштевањето значи и духовно раѓање, односно почеток на човековото живеење во верата. Затоа кумот се смета за духовен родител на крстениот и најблизок роднина. Со овој празник завршуваат не само дванаесетте т.н. Некрстени денови туку и циклусот зимски празнувања во кој спаѓаат уште и свеченостите поврзани со Бадник, Божик, Нова Година (Василица) и сл.

За многу години празникот Христијани!

Прегледи:
2547
Објавено на:
19.01.2016