Секоја година декември е посебен. Веројатно затоа што означува почеток и крај, нови лица, нова љубов? Вистинските љубови се случуваат тогаш кога ни се потребни, се случуваат кога не ги очекуваме. Веќе неколку зими сум сама. Дали сум несреќна? Не сум. Добро, можеби понекогаш, за Нова година, кога сфаќам дека времето поминува, а јас созревам сама и немам прегратка во која се чувствувам сигурна.
Кога доаѓа полноќ и на календарот гледам први јануари, знам дека милион луѓе на планетата се прегрнати и среќни, имајќи покрај себе некој кој барем малку се грижи за нив. И како да не бидам среќна кога луѓето околу мене се среќни? Па ќе се насмевнам, а срцето плаче во мене, како лавина кога се руши низ планината. И кога фаќам снегулки со раце и кога трчам по снегот и кога шетам сама, среќна сум, но не сум исполнета
Сѐ уште фали нешто. Самотијата никогаш не е потполна. Би можела да бидам среќна кога би имала некој со кого заедно би се осамиле. Па да ми раскажува за некоја плавокоса девојка која одамна ја засакал па ја изгубил, а јас да му го милувам лицето и да му шепотам некои убави зборови. Да му бидам утеха, не љубов. Да бидам таа со која ќе се чувствува сигурно. Нековите кафеави очи да се насмеат кога ќе му кажам дека ми е важно да биде среќен.
Не ме прашувајте чии се тие кафеави очи, и чија е таа насмевка. Тоа е некој кој ми е премногу далеку за да ми биде близок, а сепак премногу близок за да ми биде далечен. Помислувам Боже, колкаво патење може да поднесе човечката душа, а да не се распарчи. Колку среќа, а да не стане зависна од неа. И колку љубов за да сфати дека тоа е вистинската? Гледам во небо и му се молам на Бога да падне снег. Па и надвор да биде ледено и замрзнато, за овој студ во мене да не се чувствува осамен. Само да не е Сибир во мене, полесно ќе ги поднесам деновите кои доаѓаат.