Категории

Денеска бакнете ја мајка ви – Благовештeние e

Именден празнуваат: Благој, Блаже, Блажо, Благин, Благомил, Благомир, Благовестин, Благун, Евангел, Вангел, Блага, Благица, Благана, Блажена, Благојка, Благуња, Благодатка, Благовеста, Бонка, Вангелија, Евангелица и др.

 

Датум на празникот

Празникот Благовец е секогаш на 7 април (односно 25 март, по стар стил). Датумот не го менува и е од групата на постојаните празници.

Постојат две причини за поврзувањето на Благовец со овој датум: Првата е поврзаноста со Божик, а втората, со создавањето на човекот.

Уште од древноста, секогаш се празнувал на овој датум. Благовец е строго поврзан со Божик. Се празнува точно девет месеци пред Божик. Неговата поврзаност со Христовото раѓање не му дава да биде изместен, бидејќи тој е датумот на зачнувањето (7 април / 25 март с.к.), а девет месеци потоа е Раѓањето на Господа Исуса Христа (7 јануари / 25 декември с.к.).

Врската, пак, со создавањето на човекот ја поставиле некои црковни писатели кои велат дека Благовештението и зачнувањето на Исуса Христа се случило на истиот датум и во тој ден кога бил создаден човекот. Бог го создал човекот без грев, но тој згрешил и требало да биде пресоздаден во истиот ден кога бил првпат создаден, а тоа е денот Благовец – кога започнува искупувањето на човекот.

Во третиот век, на Запад се појавиле пресметувања кои, според римскиот календар, посочуваат дека 7 април/25 март е денот на распнувањето на Господа Исуса Христа. Потоа, се мислело дека токму на тој датум Христос воскреснал. А сега многу ретко може да се совпадне празнувањето на Велигден со овој датум и кога тие ќе бидат заедно, во ист ден и Благовец и Велигден, тоа се вика Кириопасха.

Благовец останува на својот датум за празнување, но Велигден е подвижен и може да го доведе празникот Благовештение во ист ден со него или со другите подвижни празници.

Благовец се празнувал уште во ранохристијанската црква и традиција. Зачувана е прекрасна беседа од свети Атанасиј Велики, од ИВ век, во која вели дека Благовештение е првиот празник во редот на празниците, бидејќи е почеток на домостројот – на планот за спасение на луѓето. Слова за Благовештение, од истото време, имаат и свети Јован Златоуст, свети Василиј Велики и свети Григориј Богослов.

Првите празници во христијанството се поврзани само со Исуса Христа, бидејќи сè било сконцентрирано кон Спасителот, Којшто бил во центарот на сите славења и спомени. Потоа, се прошириле празниците и кон Богородица, меѓу кои е првенствено и празникот на Христовото воплотување, зачнување и отелотворување – празникот Благовештение.

Во петиот и шестиот век се појавиле еретички – погрешни учења за Богородица и за воплотувањето на Господа Исуса Христа, но тоа не го намалило празнувањето на Благовештение, туку напротив, уште повеќе се засилило ова празнување. Црквата и со празникот се борела против лажните учења, а ги збогатила содржините на богослужбените текстови со докази и со воспевања за боговоплотувањето и за Богомајката. Тоа, пак, најубаво и најмногу го направил свети Јован Дамаскин, во ВИИИ век.

 

Богослужба на празникот

Благовец не го менува датумот на празнување, но е еден од најтешките и најсложените празници за богослужбата, ако поради подвижноста на Велигден, се совпадне заедно со другите велигденски празници. Ваквите совпаѓања го усложнуваат празнувањето на Благовец, а примерите за тоа се чести.

Благовец може да се падне во велигденскиот период најмногу: од четврток на Третата седмица во Постот до среда во Светлата седмица – до среда по Велигден.

Тогаш се прават заеднички богослуженија од двата празника, а дури и се поместуваат одредени пеења од Благовец, ако тој се совпадне со Велики Четврток, Петок или Сабота. Сепак, постојат запишани правила за тоа и се постапува според нив.

На Благовештение, без разлика во кој ден ќе се падне празникот, се служи полна Литургија на свети Јован Златоуст или на свети Василиј Велики, ако за тој ден со типикот е одредено за Василиева.

1 2

Прегледи:
1426
Објавено на:
06.04.2016