Категории

Денеска е Св. Пантелејмон – исцелител кој лечел со Божја помош

Преданија и легенди за Свети Климент 

За Св. Климента

Во г. Охрид има многу и од секаков вид прекрасни овоштија, какви што нема секаде. Кажуваат дека Свети Климент ги просветил преку христијанската вера не само луѓето во Охридскиот крај, туку дека и самите плодородни дрвја ги опитомил, пренесувајќи во градот питоми овоштија од Азија, калеми, та ги накалемил дотогаш дивите месни овошни дрвја.

Свети Наум и Свети Климент истовремено почнале да ги градат своите храмови 

Свети Наум и Св. Климент, проповедувајќи ја, секој на едната страна од езерото Христовата наука, решиле и заедно да подигнат богомолишта и така црквата Св. Климент во Охрид и манастирот Св. Наум истовремено почнале да се градат. Ѕидарите од еднио до другио рид, на кои се подигаат овие цркви, затегнале едно јаже преку езерото и преку тоа јаже си ги додавале потребните алати. Па се договориле уште и тоа, за да се види која црква порано ќе се заврши вака да направат: кога ќе се затресе јажето, да се прекине работата на обете страни да се види колку која е готова. Црквата на Св. Климент била уште за малку готова, уште кубето да се направи, но на јажето паднале црни чавки и јажето се затресло, а ѕидарите помислиле дека тоа е даден знак и престанале да работат (затоа на Турците им било лесно да ја потурчат оваа црква, додале само минаре, а кубе немало). А кај Свети Наум уште работеле и кога довршиле чекале да им се даде знак, но знакот го немало. Утредента на јажето паднале бели гулаби и јажето се затресло, но Свети Наум уште вчера бил готов.

Потковата од коњот на Св.Климент 

Кога дошле турските војски да го заземат Охрид, Свети Климент им ја затворил Долна Порта за да не можат да влезат во градот. Тогаш тие отишле кон Горна Порта. Се преплашиле кога и таму, пред вратите вјавнат на бел коњ и облечен се во бело, со долга бела брада, го виделе Свети Климент. А кога Свети Климент ја извадил сабјата и замавнал со неа, од нејзиниот блесок исплашените Турци почнале да бегаат, кој како нозе го држеле.
Потоа кога Свети Климент, се свртил назд, да си влезе во градот, неговиот коњ се сопнал и од задната нога се откинала потковата и се закачила горе на железната врата од Горна Порта.
Потковата до денешни дни стоеше на вратата.

Светиклиментова ст’паљка

В Охрид имат камен над кој сет вглобени петични стапаљки од скорни, кои вељат че беха од Св. Климент.

За Здеглавје и Белица или првите Св. Климентови епикопии Главница и Велица 

а) Во Охридскиот округ, 8-9 часа на север од градот има околија Дебарца нарекувана, разделена на два дела – Горна и Долна Дебарца. Во последнава има главно село Здеглавје или по турски изговарано Изделглавје.
Преданието кај нас кажува дека тоа село Здеглавје било некогашната Главиница, првата Св. Климентова епископија. А некои други сочувани знаци ја потврдуваат верноста на тоа народно предание.
б) На најзападната граница од истиот округ околу саат и пол – два на запад од гр. Струга на источното ребро од Беличката планина која е ветка од Акрокеравнијските, лежат две влашки села Горна и Долна Белица првото горе на планината, помало, а последното долу во подножјето, доста големо со жители повеќето трговци. Понадолу кон север – уште две села доста големи; Вевчани и Октиси, а близу до нив едно арнауто-мухамеданско со теке и шех во него и со жители најсвирепи злоупотребувачи на земјата.
Предание се сочувало и за тие села, особено за последното дека се на истата местоположба на која стоела некогашната Белица, искривено Велица, втората Св. Климентова епископија, која според истото предание тогаш била град со 3000 и повеќе семејства. За потврда и на верност на ова предание има докази кои ќе се видат публикувани на друго место.

1 2

Прегледи:
679
Објавено на:
09.08.2016