Категории

Дознајте: Зошто си подаруваме и зошто се кршиме со јајца за Велигден

Подарувањето јајца потекнува од библиски настан. Се смета дека по смртта на Исус, Марија Магдалена тргнала во Рим за да го проповеда евангелието. Кога се сретнала со римскиот император Тибериј, таа му подарила јајце и го поздравила со зборовите „Христос воскресна“.

Додека му раскажувала за Христовото Воскресение, императорот се насмеал и рекол дека враќањето на Исус од мртвите е исто толку невозможно колку и белото јајце во нејзината рака да се претвори во црвено. Пред да заврши со говорот, јајцето во раката на Марија Магдалена се обоило во светлоцрвена боја.

Оттаму потекнува традицијата христијаните да си подаруваат велигденски јајца пред да се поздрават со зборовите „Христос воскресна“.

ЗОШТО СЕ КРШИМЕ СО ЈАЈЦА ЗА ВЕЛИГДЕН?

На Велигден сите се кршат со велигденски јајца, а „победува“ оној во кого ќе остане здравото јајце. Според народните верувања, него ќе го следи здравје во годината која доаѓа.

Но, кршењето на јајцата не претставува само „борба за здравје“. Тоа исто така го симболизира воскреснувањето на Исус од мртвите. Како што Исусовиот гроб се отворил кога тој воскреснал, за да го најави новиот живот, така и јајцето се крши кога од него излегува нов живот.

Кога се кршиме со јајцата, ние всушност го означуваме и се потсетуваме на воскреснувањето на Исус Христос.

За Велигден се вели дека е празник над празниците, ден кога Исус ја докажал својата божествена сила и моќ. Поканете го духовниот мир и полни со радост прославете го Христовото воскресение.

Прегледи:
815
Објавено на:
30.04.2016