Категории

Едночасовен „Волшебен свет“ пред полната сала во МНТ

Едночасовна уметничка целина од современ танц, музика и визуелни уметности беше прикажана вчера, на големата сцена на Македонскиот народен театар.

Во продукција и изведба на млади уметници, мултимедијалниот перформанс „Волшебен свет“ го заокружи вториот циклус од Инкубатор програмата за култура во организација на КЦ Интерарт, поддржана од Амбасадата на Швајцарија во Македонија. „Волшебен свет“ е резултат на тримесечната работа на младите уметници во работилниците на Инкубатор во три категории – танц, музика и вузелни уметности, под менторство на Рисима Рисимкин, Тони Китановски и Лидија Георгиева.

„Премиерата на „Волшебен свет“ во Скопје помина одлично и исклучително сум задоволна од сѐ она што ни го донесе Инкубатор програмата за култура. Создавањето на оригинални дела од еден нов бран на млади ентузијасти и уметници, со погледи на светот кои се вистинско богатство, ни покажа дека како општество имаме иднина со голем културен потенцијал. Со овие два циклуси на Инкубатор добиваме сериозен број на нови уметници кои со сработеното докажуваат дека се подготвени да носат и создаваат големи проекти. Среќни сме што со поддршка од Амбасадата на Швајцарија, успеавме да обезбедиме комплетен циклус на обука, целосна едукација, продукција и искуство на настапи и патувања за младите креативци. Јас, а се надевам и пошироката јавност, со нетрпение ги очекуваме идните дела на овој нов бран на младинската уметничка сцена”, вели Рисима Рисимкин, ментор и уметнички директор на проектот.

Деновиве, Инкубатор продукцијата е на караван во повеќе градови ширум земјата.

„Среќна сум што вечерва заеднички и во толку голем број ја проследивме презентацијата на делата од втората фаза на Културната програма Инкубатор. Интересот кој е уште поголем од првиот циклус, за Амбасадата на Швајцарија како донатор е јасен знак дека сме донеле добра одлука да промовираме алатка за поддршка на локалната уметност и култура. Искрено се надеваме дека преку нашата културна програма ќе придонесеме кон создавање една самокритична, општествено одговорна и инклузивна културна и општествена клима. Нашата цел и понатаму е независен, силен и разновиден културен сектор, фокусиран на промоција на професионализам, креативност и слободен уметнички израз. Се надеваме дека ова е еден убав почеток на што повеќе вакви активности, за Интерарт културниот центар, но и за други ентитети кои делуваат во овој домен“, истакна амбасадорот на Швајцарија во Македонија, Н.Е. Сибил Сутер Техада.

Финалната продукција на Инкубатор програмата за култура поддржана од Амбасадата на Швајцарија во Македонија е дел од Инкубатор деновите на младинска уметничка сцена, кои се реализираат со поддршка од Министерството за култура, во рамки на проектот Млади Европејци.

Прегледи:
333
Објавено на:
17.12.2018