Категории

Еколошки: Погледнете како изгледаат првите очила за сонце од кафе

Покрај тоа што се еколошки, тие имаат и прекрасен мирис.

Сакајќи да направат еколошки прифатливи и модерни очила за сонце, украинската компанија Очис најде решение за ова во талогот од кафе.

 

Идејата за уникатен вид очила потекнува од извршниот директор на компанијата Максим Хавриленко, кој експериментирал со различни растенија како нане, магдонос и кардамон пред да го пронајде вистинскиот природен материјал во талогот од кафе. Покрај тоа, овие еколошки очила со модерен дизајн мирисаат на кафе, пренесува Ројтерс.

 

„Кафето е црно, што е вообичаена боја за очила за сонце што се вклопуваат во секоја комбинација. Второ, милиони тони талог од кафе остануваат во светот“, рече Хавриленко за Ројтерс.

 

Како некој кој потекнува од семејство на оптичари и со повеќе од 15 години искуство во областа на продажба и производство на очила, Хавриленко морал да отфрли над 300 примероци пред да може да ги добие првите примероци на очила за сонце од кафе. Зелената индустрија талогот за кафе го користи во производство на мебел, чаши, бои и биогорива, но Хавриленко е пионер во производството на очила за сонце направени од овој материјал. Еколошките очила за сонце на украинскиот бренд се изработени од кафе и лен и залепени со природни растителни полимери, така што тие имаат предност што се биоразградливи и после 10 години можат да се искористат како ѓубриво.

 

Стаклата не се биоразградливи, но можат целосно да се рециклираат.

 

„Наша цел е да промовираме очила во Украина и во светот, пред се поради самата идеја за потребата од производство на органски производи, но и заради можноста за правилно отстранување на отпадот“, рече Хавриленко.

Прегледи:
548
Објавено на:
02.09.2019