Категории

Еве што научив на долгиот пат кој трае полни 35 години

Наполнив 35 години. Некој би рекол – само 35?! Јас велам – веќе 35! а 35 години ми помина сѐ низ глава и убаво и лошо и не е тоа само излитена фраза, навистина е така. Денес се прашувам, што сѐ научив?

Научив дека не е задолжително оној кој те родил да те сака повеќе од било кој друг на светот. Исто така, не е задолжително да те мрази оној кој го родил твојот маж – се случува и да те сака и почитува повеќе отколку што си можела да замислиш. Треба само да дадеш шанса и да дозволиш да бидеш сакан.

Научив дека мажот за кој си се омажила се менува низ времето, ликот му се менува, но и карактерот, на подобро или на полошо. Исто така се менуваш и ти, ни ти не си истата жена која одамна пред Бога рекла – ДА! Научив дека ако сакаш да се менува и однесува како тебе ти одговара, најпрво обиди се една недела да се промениш себеси и да бидеш она што мислиш дека е совршено. Ќе сфатиш дека тоа е навистина тешко. Затоа, или прифати го каков што е, или најди начин да ја разбудиш желбата за промени во него или пушти го.

Научив дека кога ќе станеш мајка мислиш дека тоа ти е единствената работа на светот. Да ги зачуваш и одгледуваш своите младенчиња. Да заборавиш дека и ти си човек, како што се и твоите деца мали луѓе. Дека имаш и ти свои потреби еднакво како и тие. Забораваш да се сакаш себеси, а тврдиш дека ги сакаш нив. Најпрво мора да се сакаш себеси, да ги прифатиш децата како дел од семејството, но да не заборавиш дека и ти си дел од него. Мора да се сакаш себеси.

Научив дека не е неопходно дека оној кој е со тебе секој ден и се шегува, пее, смее, е твој најдобар пријател. Најдобриот пријател е чувствителна категорија. Пред да помислиш дека некој ти е најдобар пријател и да му веруваш како да ти е род, преиспитај ги своите мисли, преиспитај сѐ, па додели му ја титулата. Ако навистина ти е најдобар пријател, никогаш нема да треба да му го соопштиш тоа, ќе знае. Ќе осети преку душата. Чувај го како највреден дијамант.

Научив дека луѓето кои се дел од моето минато, многу лесно можат да го преминат мостот од сигурен заборав во сегашност и секојдневност.

Научив дека цел живот можеш да запознаваш нови луѓе, дека некој може да ти пружи повеќе за една година дружење, отколку друг за цел живот.

Научив дека сѐ си доаѓа во свое време. Ништо не може на сила, дури и ако успееш да оствариш нешто на сила, не уживаш во плодовите, бидејќи си се истрошил низ патувањето. Најубавото нешто што го научив е трпението.

Трпението е мајка на мудростите и круна на моето постоење. Трпеливо чекам сѐ она што ми следува – и добро и лошо. Трпението ме научи една лекција – Сѐ ќе помине и добро и лошо. Па потоа повторно следи добро, па лошо… тоа е животот.