Категории

ГО ЗНАЕШ ОНА КОГА ЌЕ ТИ СТАНЕ СЕЕДНО? ТОА СЕЕДНО ТИ ЈА ПРЕТВОРА ДУШАТА ВО МИРНО МОРЕ

Го знаеш она кога ќе ти стане сеедно? Тоа според мене е најлошо и најдобро чувство. Чувство без емоции.

Кога ти е сеедно се чувствуваш прекрасно, бидејќи ниту едно случување не може да ти го наруши мирот.

Едноставно ти е сеедно и воопшто не допираат до тебе ни добрите ни лошите случувања.

Но, таа состојба на сеедно е исто многу грозна. Ти ги убива чувствата, ти ги одзема реакциите, ти ја пригушува среќата и ти ги суши солзите, прави од тебе човек без емоции, те испразнува, ти ја претвора душата во мирно море кое не може ништо да го разбранува. Едноставно ти е сеедно. Сега мене ми е сеедно.

После толку бури, дождови, ветрови, сонце, после толку бранови сега сум мирно море. И сега не знам дали да ти се заблагодарам или да те проколнам што конечно направи да ми биде сеедно.

Сеедно ми е дали ќе се јавиш, дали ќе ме поздравиш кога ќе ме сретнеш, дали ќе ми кажеш дека ти недостигам. Веќе не треперам пред тебе како лист на ветер, веќе во тебе не го гледам човекот на мојот живот, сега во тебе гледам само едно големо сеедно.

А воопшто не ми е убаво што ми е сеедно, јас не сум таква, јас така не можам, јас сакам да врескам, да плачам, да се смеам, да се радувам, да зборувам гласно, сите да слушнат кога сум вљубена.

Јас сакам да горам од љубов, да се топам од бакнежи, сакам бранови да ми прават музика во душава, а не да бидам предвидливо, монотоно, мирно море. Но, еве сум, мирувам.

Не успеав душо моја, не успеав да го растопам тој леден оклоп под кој си скриен. Ти пружив толку топлина, прегратки и бакнежи но не успеав. Си се сокрил внатре како желка и не е возможно да се допре до тебе.

ЈАС не успеав, тоа најмногу ме боли.

Ех, да бев волшебник, па да можев да му дадам срце на железниот човек. Ама не сум. Долго време се обидував да излезе некоја емоција од тебе, топол збор од твојата уста, прегратка од твоите раце, искрен поглед од твоите очи кој ќе ме растопи, ама не успеав.

Ми ги сруши сништата, ми ги истроши желбите, ми ги исцеди силите. Сега веќе ми е сеедно.

С.В

Прегледи:
1922
Објавено на:
25.02.2020