Категории

Љубовта кон графичкиот дизајн ми се роди на 11 годишна возраст, кога се обидував да направам дизајн на корица за книга во Paint

Среќа за мене претставува кога клиентот од прво гледање веднаш ќе го одобри дизајнот – сподели со нас младата и талетирана Маја Атанасоска

Фотограф: Петар Тутунџиев

Личност со визија, нескротлива желба да го работи тоа што го сака и  воедно  своето знаење да го споделува со останатите Маја е амбициозна девојка која поголем дел од времето сака да биде опкружена со  секаков вид на уметност, од литература до уметнички дела и фотографии, без разлика што студира на ФИНКИ. Инспирацијата и е правопропорционална со мотивацијата и неизмерно двете ги добива од пасијата да креира нешто што ќе има вредност и значење.

Знае често да слуша подкасти или вози велосипед кога се обидува да најде решение за дизајнот кој го креира во меѓувреме, па дури и да го набљудува секој продукт преку естетска и уметничка призма. Во моментов работи на своите планови кои иако се големи, верува во себе дека ќе ги оствари.  А ние сме тука да ве запознаеме малку повеќе со неа, нејзините интереси, достигнувања и идни планови. Уживајте:

Кога се роди твојата љубов кон графичкиот дизајн?

Уште како мала обожавав да набљудувам како се дизајнирани календарите, честитките и списанијата, и како би можела нешто слично да креирам и јас.  Љубовта кон графичкиот дизајн ми се роди на 11 годишна возраст, кога се обидував да направам дизајн на корица за книга во Paint:). Но, тогаш се’ уште не бев запознаена што значи терминот ,,графички дизајн” ниту дека постои Фотошоп (или слични софтвери на Adobe), кој го открив покасно и учев како да манипулирам со фотографии како и да креирам дигитални илустрации.  Некое време правев пауза бидејќи се обидував да откријам што навистина сакам, се’ додека при крајот на средно образование не започнав да учествувам на натпревари за веб дизајн. Повторно пауза. Завршив средно образование и не бев повторно сигурна што сакам да продолжам понатаму. 

Се запишав на ФИНКИ, и од сам старт започнав да бидам член во студентски парламент каде што им требаше графички дизајнер со што ми се укажа прилика да започнам повторно со дизајн и дека нема потреба повеќе од паузи за да сфатам што сакам да правам и што е она што ме исполнува и преку кое може да ги искажувам моите размислувања и креативности – дизајн. Оттогаш до сега сум имала можност да собирам и стекнувам искуство како дизајнер преку огромен број на настани и натпревари. Оваа година ми се укажа и можноста да бидам ментор дизајнер на настанот Generation Unlimited.

На кои проекти работиш моментално и колку те исполнува тоа?

Моментално работам на два проекти: дизајн на корица за е-книга, и продукт дизајн за директен маркетинг (наскоро повеќе информации ќе споделам на инстаграм. Потоа, ако проект се смета и блогот за дизајн кој го спремам – Перкалус кој покасно ќе израсне и во друга форма освен што ќе биде блог:). Се обидувам да направам баланс помеѓу работата, факултетот и фриленс проектите. Сметам дека го имам потребното време поради фактот што моментално светот и нормалата пред пандемијава да се случи е ,,стопирано”. 

Дали ме исполнува? Дефинитивно да! Бидејќи сум опкружена со луѓе од кои учам и се градам како дизајнер, и дополнително растам во оваа област. Преку самото дизајнирање, времето за мене скоро и да не постои, освен дози на исполнетост со допамин и серотонин:)! 

Инстаграм профилот @percalus.design изобилува со корисна содржина во полето на графичкиот дизајн, од каде црпиш инспирација?

Ви благодарам! Инспирацијата ја добивам од корисниците на Инстаграм кои ме следат и секојдневно ми ја даваат нивната поддршка за да објавувам ваков тип на содржина, како и нивните пораки дека благодарение на овој профил започнале да изучуваат дизајн (има ли поголема инспирација од тоа?!). Исто така, се инспирирам и од тоа што сметам дека споделувањето на знаење значи оставање вредност во светот во кој што живееш. Кога би морала да бирам од почеток што би била, дефинитивно би одбрала да бидам графички дизајнер без оглед што на моменти оваа професија изгледа тешка кога не можеш да најдеш решение за твојот клиент, за пиксел подесно логото..

Што би сакала да споделиш со љубителите на графичкиот дизајн ?

Да започнат да ги гледаат сериите на Нетфликс за дизајн – Abstract.

Која е твојата порака што сакаш да ја пренесеш до сите кои те следат?

Никогаш да не се откажуваат од она што го сакаат, и да сонуваат ГОЛЕМО колку и да изгледа нереално. Секогаш да имаат план и јасна визија за своите сништа, да вложуваат труд и секојдневна практика во она што го прават. Да не се разочаруваат од туѓото ,,Не” бидејќи тоа значи дека подобри моменти ги чекаат но, прво мора да работат врз/на себе. И секогаш да бараат совет/мислење само од луѓето кои го изоделе патот кој што моментално сакаат да го започнат. 

Пс. Вложувајте барем 1% секојдневно во себе за да после 1 година погледнете зад себе колку далеку сте стигнале!

Што за тебе претставува среќа?

Среќа за мене претставува кога клиентот од прво гледање веднаш ќе го одобри дизајнот, морски прасиња и гледањето на другите околу мене како успеваат.

За повеќе совети и креативни дизајни топло ви препорачуваме да го заследите нејзиниот инстаграм профил percalus.design

Маја ти благодариме за искреноста и тоа што ги сподели твоите искуства и совети со нас ти посакуваме многу успех понатаму.

Среќа е што те имаме!