Крени ја главата и покажи и на масата дека твоите соништа се вистински, нека таа сфати колку нивното остварување е возможно и нека таа се стопи во разочарувањето дека не те направила еден од нив!
Имаш ли храброст да бидеш она што си? Имаш ли храброст да го следиш своето срце без да се грижиш што ќе кажат другите? Или ќе ја наведнеш главата и ќе се стопиш во толпата..
Имаш ли храброст да истапиш напред и да го земеш она кое што сметаш дека е твое и ти припаѓа? Имаш ли сила да ја покажеш својата индивидуалност, и сите аспекти од твојот карактер и колку да се чудни и необични? Да ги отстраниш бариерите кои ти се наметнати и да ги згазнеш размислувањата на другите луѓе и да тргнеш во потрага по сопствената среќа?
Дали имаш храброст да си кажеш на себеси дека вредиш повеќе отколку што мислиш, дека треба да живееш живот кој ти припаѓа само тебе. Дали имаш храброст да ги пронајдеш причините за среќа или ќе се жалиш бескрајно дека среќата е недостижна.
Престани да се плашиш веќе еднаш. Престани да пронаоѓаш причини зошто немаш храброст, и пронајди барем една зошто всушност ја имаш! Немој да се плашиш да го завземеш своето место во светот и да си дозволиш да бидеш главен лик во својата приказна. Престани да си стоиш на сопствениот пат, престани да се сожалуваш себеси и да ги оплакуваш раните кои ти биле зададени.
Се сеќаваш ли на соништата кои си ги имал како дете, соништата за кои си зборувал дека еден ден кога ќе пораснеш ќе станат реалност. Се сеќаваш ли сеуште на тоа дете и на неговата страст дека некоја подобра верзија на него во иднината веќе работи на остварувањето на тие соништа.
Да, ти си таа верзија, ти си тој човек и му го должиш остварувањето на тие соништа на тоа дете.
Направи ги за него, немој да го разочараш!
Крени ја главата и покажи и на масата дека твоите соништа се вистински, нека таа сфати колку нивното остварување е возможно и нека се стопи во разочарувањето дека не те направила еден од нив!
–Кукла од Памук