Категории

Љубовта се учи: Индиска приказна за суштината на љубовта

Доколку сè уште имате дилеми, оваа индиска приказна ќе ви открие нова димензија на човечките чувства.

Кога Создавачот завршил со создавањето на мажот бил свесен дека ги искористил сите состојки, кои му биле на располагање. Повеќе немал ништо трајно, стабилно и цврсто од кое би ја создал жената.

По долго размислување ја земал полната месечина, свивливоста на виновата лоза и треперењето на тревата, виткоста на трската и цветањето на цветовите, леснотијата на листовите, светлината на сончевите зраци, плачливоста на облаците и непостојаноста на ветровите, плашливоста на зајакот, прчењето на паунот, мекоста на птичјите перја, тврдината на дијамантот, благоста на медот и лутината на тигарот, жарот од огнот и студот од снегот, брливоста на папагалот и песната на славејот, дволичноста на лисицата и верноста на мајката лавица. Ги помешал сите состојки и ја создал жената, а потоа му ја дал на мажот.

По недела дена заеднички живот мажот се пожалил:

– Господе ова суштество кое ми го даде ме унесреќува. Толку многу зборува и немилосрдно ме мачи што не можам да дојдам до здив. Сака постојано да се грижам за неа, а јас така губам време. Плаче за ситници и безделничи. Дојдов да ти ја вратам, затоа што не можам да живеам со неа.

– Добро, одговорил Создавачот и си ја земал.

По една недела мажот повторно се вратил.

-Господе, откако го вратив она суштество, животот ми е празен. Постојано мислам на неа – како танцуваше и пееше, како ме гледаше под око, како се шегуваше со мене и како наоѓаше потпора во мене. Беше така убава и така нежна на допир. Обожував да го слушам нејзиното смеење. Те молам, врати ми ја назад.

– Добро, одговорил Создавачот и му ја вратил.

По неполни 3 дена, мажот пак дошол кај Создавачот.

– Господе, не разбирам и не знам тоа да го објаснам, но по сите мои искуства со она суштество, дојдов до заклучок дека ми предизвикува повеќе проблеми од радости. Те преколнувам, земи си ја назад! Не можам да живеам со неа!

– Но, не можеш да живееш и без неа – му возвратил Создавачот и потоа се свртел од мажот продолжувајќи со својата работа.

Разочараниот маж тогаш рекол: Што да правам? Ниту можам да живеам со неа, ниту можам без неа!

– Љубовта е чувство кое треба да се учи. Таа е напнатост и остварување. Таа е голема желба и непријателство. Таа е радост и болка. Не можеш да го имаш едното, без другото. Среќата е само дел од љубовта – она што треба да се научи. Патењето исто така е дел од љубовта. Тоа е тајната на љубовта, нејзината убавина и нејзиниот товар. Токму затоа љубовта е чувство што треба да се учи.

Прегледи:
547
Објавено на:
04.03.2016