Категории

Инспиративната приказна за Коко Шанел – Дење шиела, а ноќе пеела во кабареа каде што го добила прекарот Коко

Еднаш, не многу одамна на 19ти август 1883 година на светот дошло едно девојче кое години подоцна ќе биде запаметена како најдобриот моден дизајнер на сите времиња.

Нејзиното име е Габриел Коко Шанел. Нејзиниот ран живот, за разлика од подоцнежниот, не бил воопшто гламурозен. Ја изгубила мајка си на рани години, а на 12 години нејзиниот татко ја оставил во сиропиталиште заедно со уште две нејзини сестри. Коко била одгледана од страна на калуѓерки кои ја научиле да шие – нешто по кое подоцна ќе се прослави.

Претпоставуваме дека не сите трагедии се трагедии и дека некои од нив водат до смислата на нашиот живот. Дење шиела, а ноќе пеела во кабареа каде што го добила прекарот Коко. Во сиропиталиштето поминала скоро седум години. Подоцна ја запознала љубовта на својот живот – богат англиски џентлмен Капетан Артур – Капел. Тој и позајмил пари да ја отвори својата прва продавница за шапки во Париз кога таа имала само 27 години. Прв и последен пат Коко била видена како плаче кога Капел загинал во сообракајна несреќа. Била тажна но останала силна за да ја доврши работата која ја почнале заедно.

Коко се облекувала како никој друг. Не следела правила и стандарди. Носела шапки кои во тоа време ги носеле само мажи. Се облекувала во костими и панталони, а здолништата ги кратела. Се било тотално спротивно на модата во тоа време. Коко Шанел не му носи на светот нов стил таа му носи револуција. Коко ја трансформирала и сменила идејата за женската убавина и мода. Нејзината цел била да ги ослободи жените од долгите фустани кои го допирале подот и тесните корсети кои не им дозволувале на жените да дишат. Истовремено носејќи кратка фризура им покажала на жените дека кратка фризура може да стои убаво и на жена. Во тоа време било екстремно тешко една жена да просперира во машки свет и во светот на бизнисот. Коко била упорна и никогаш не се поколебала.

Набргу откога Коко ја отворила својата продавница за шапки во Сараево Гаврило Принцип го застрелал Франц Фердинант. Започнала војната. Мажите заминале во војна а жените сега требале да ги вршат машките задачи. За таа цел им требала комотна гардероба. Истата ја нашле во бутикот на Коко Шанел. Жените ги сакале дизајните на Коко. Тие биле нови, уникатни и удобни за носење. Бизнисот и цветал и следната година таа веќе размислувала за проширување. Во Америка нејзините фустани биле толку популарни што едно списание ги споредило со Форд автомобилите.

Коко не дизајнирала само шапки. Подоцна на светот му го претставила Шанел костимот со елегантни џебови и копчиња како накит кој бил популарен и се продавал насекаде. Бил виден на Брижит Бардо, Руми Шнајдер и Грејс Кели. Стилот на Коко бил едноставен бидејќи таа тврдела дека една жена е многу повеќе од фустанот кој го носи.

Во 1920тата година го дизајнирала познатиот Little Black Dress кој и ден денес се уште е познат и се носи. А пак во 1921 во производство го пуштила својот парфем – Chanel No 5. Го избарала бројот 5 бидејки некоја гатачка и рекла дека тоа е нејзиниот среќен број.

Низ годините малото сираче станало модна икона. Сите знеле која е Шанел, секоја жена сакала да има парче облека со етикета на Шанел. Коко работела со познати ѕвезди и дизајнирала облека за нив. Изградила име и репутација. Но освен тоа изградила свет во кој жените се помодерни и послободни и за тоа сите сме и благодарни и ден денес.

„Модата не се наоѓа само во облеката“ рекла таа „модата ја има и во небото, и во улиците. Модата е поврзана со идеите, начинот на кој живееме и она што се случува околу нас.“

 

Денес веќе во над 40 земји има продавници кои го носат името Шанел. Коко е веќе одамна замината од светот но нејзиното постоење се чувствува уште и никогаш нема да биде заборавено.

Прегледи:
407
Објавено на:
19.04.2022