Категории

Истражи ја Крива Паланка – Поврзи се со природата – Бидете дел од традицијата “Невестинско поклонение”, единствената манифестација од овој тип на овие простори

И годинава, претстојнава недела, кривопаланечкото село Конопница, поточно црквата посветена на „Св. Теодор Тирон“  ќе биде домаќин на јубилејното издание на манифестацијата „Поклонение на Свети Теодор Тирон“.

Традиционално оваа манифестација која низ годините прераснува во бренд не само на кривопаленчкиот туку и на целиот североисточен крај, па дури и и бренд на земјата, се одржува ден после верскиот празник Тодорова сабота. „Невестинско поклонение“ е возобновена врз основа на вековната традиција каде што младите невести меѓу двете Тодорици заедно со своите свекрви облечени во традиционалните народни носии го изведувале поклонението пред црквата Свети Теодор Тирон.

-Подготовките се пред самиот крај, на 17-ти март ќе се реализира 10-тата јубилејна манифестација на која за првпат очекуваме да имаме учеснички од Културните манифестации кои се инспирирани од богатите свадбени обичаи во Македонија, како што се Шопската , Малешевската и Галичката Свадба. Исто така од оваа година манифестација најверојатно ќе добие меѓународен карактер затоа што на пријавените невести од Виница, Штип, Скопје, Ранковце, Крива Паланка ќе им се придружат и учеснички од Бугарија и Србија. Според најавите за викендот се најавува многу убаво време со вистински пролетни температури, очекуваме дека дефилето од десетина пара снаи-свекрви ќе биде проследено од голем број на кривопаланчани, гости, и добронамерници од земјата и странство. – информира Стојанче Величковски, иницијатор и координатор на манифестацијата.

Возобновената манифестација има за цел да прерасне во регионална манифестација преку која ќе се презентираат, свадбените традиции, народните носии и традиционалните обичаи.

Манифестацијата е со почеток во 13 часот на денот кога во дворот на црквата тардиционално ќе одржува народниот собир во чест на светецот Св. Теодор Тирон.

Инаку, црквата „Свети Теодор Тирон“ во с. Конопница, во непосредна близина на Крива Паланка е изградена во 1885 година и по својата архитектонска концепција претставува редок примерок на градба со „кружни“ архитектонски обрасци од малоазиски односно грузиско – ерменски тип, какви што се црквата во Аламан од 610-617 година и старата Климентова црква „Св. Пантелејмон“ на Плаошник од крајот на 19 век,. Црквата е во форма на рамностран тролист или триконхос, ѕидана е со делкан камен, додека тространата слепа купола е обликувана со конструкција со плитар покриена со малтер. Се претпоставува дека планот за црквата е донесен од мајстори кои работеле во Влашко – Романија.

Културната манифестација “Невестинско поклонение на Свети Теодор Тирон”, е длабоко вкоренета во поколенијата со што се негува култот кон Свети Теодор Тирон, за кого се верува дека е заштитник на родот и породот.

На манифестацијата, која е од отворен тип, млади невести кои се омажиле меѓу две Тодорови саботи, придружувани од своите свекрви облечени во автентични народни носии од својот крај, се поклонуваат на светецот молејки се за добра и сигурна рожба.

Манифестацијата претставува своевидна ревија на народни носии и уникатниот обичај во кој во главната улога се снаата и свекрвата.

 

Оваа публикација е финансирана од страна на Делегацијата на ЕУ во Косово* во рамки на  ИПА програмата за прекугранична соработка помеѓу Косово и Северна Македонија