Категории

Истражи ја Крива Паланка- поврзи се со природата – Посетете го Археолошкиот град Градиште

Локалитетот Градиште е многу интересен од археолошки аспект и најмногу податоци, директни и индиректни, за него потекнуваат од средниот век. Во житието на Свети Јоаким Осоговски од XI-XII век постои податок дека Градец бил главно седиште на Кривопаланечко – Славиште, со постојана воена посада каде што живеел управителот владетелот на целата околина.

Сумирано, Градец во средниот век претставувал управно, војничко и трговско средиште на посочениот регион. Локалитетот Градиште за првпат е рекогносциран во 2005 година од страна на професор доктор Виктор Лилчиќ-Адамс и магистер Милан Митовски, при што е изработена планиметриска основа.

Според претходно извршените проучувања, наоѓалиштето е детерминирано како доцноантички кастел и значаен контролен пункт каде што се вкрстуваат две значајни сообраќајници од антиката: патот Хераклеја-Стоби-Пауталија и патот Скупи-Пауталија. Првичните прелиминарни резултати од спроведените заштитни археолошки истражувања од 2013-2018 година, како и според движниот археолошки материјал и архитектонските целини, на локалитетот евидентирани се населбински фази од праисторијата, доцната антика – рановизантискиот период и средниот век.

Најсилниот населбински хоризонт потекнува од доцноантичкиот – рановизантиски период, којшто значително ја руинирал постарата праисториска населба од доцното бронзено и полно железно време.

Локалитетот Градиште се наоѓа 8 километри северозападно од Крива Паланка во непосредна близина на селото Градец. Тој е лоциран во особено значаен сакрален простор, покрај црквата „Свети Никола“ од 19 век, северно од Градиште, каде исклесана во карпа се наоѓа и ќелијата испосница на пустиножителот Св. Јоаким Осоговски, што дополнително ја зголемува комплексноста и атрактивноста на наоѓалиштето.

Првите податоци за наоѓалиштето, потекнува од далечната 1953 година кога се извршени антропогеографските (етнографски) проучувања на Кривопаланечкиор Регион – Славиште од авторот Бранислав Русиќ, потоа во 1973 година од Јован Трифуновски во делото „Кривопаланечка Област – Зборник за народни живот и обичаје Јужних Словена књига 48“, а во 1978 година е посетен и евидентиран од страна на археолог советник Цоне Крстевски и доктор Драгиша Здравковски, при изработката на Археолошката карта на Македонија, односно општина Крива Паланка.

 

Оваа публикација е финансирана од страна на Делегацијата на ЕУ во Косово* во рамки на  ИПА програмата за прекугранична соработка помеѓу Косово и Северна Македонија