Категории

Истражи ја Крива Паланка – Поврзи се со природата – Посети го локалитетот Калин Камен и уживај во неговите убавини

Крива Паланка е град во североисточниот дел на Република  Северна Македонија, сместен во областа Славиште, под падините на Осоговските Планини на двата брега на Крива Река.

Името на градот Крива Паланка доаѓа од кривото корито на Крива Река. Поранешното име на градот било Егри Дере, што на турски јазик значи „крива река“. Подоцна, зборот „Паланка“ го заменил турскиот збор „дере“.

Градот е еден од помладите градови во државата. Градот бил формиран од Турците, поточно од Бајрам-паша и градот имал важност како воен и одбранбен центар. Тој центар имал за цел да го зајакне тој регион на Македонија. Основањето на градот е забележано во турските документи од 1043 година по муслимански календар или по стандардното христијанско броење во 1633 година. Тој документ, поточно плоча, се чувала на влезот во тврдината и била испишана со арапска азбука. Подоцна плочата се пренела во џамијата што се наоѓала во центарот на градот. Денеска оригиналната плоча се чува во Музејот на Македонија, додека копија од неа се наоѓа во Градскиот музеј во Крива Паланка.

Крива Паланка изобилува со многу богатства но и со многу културни и спортско рекреативни настани. Еден од нив е локалитетот Калин Камен (историско Влашко село сместено под истоимениот врв и според некои податоци во 1900 година броело 600 жители, сите Власи)  е сместен на падините на Осоговските Планини, на околу 10 километри југоисточно од Крива паланка, над манастирот „Свети Јоаким Осоговски“. Овој локалитет има голем потенцијал за развој на планински туризам, до истиот се стигнува релативно лесно преку солидно асфалтиран пат.

Според легендата стара неколку векови се верува дека во кривопаланечкиот регион, во времето на Отоманската империја живеела млада мома која била најубава од сите девојки. За жал, од нејзината убавина бил воодушевен и турскиот ага кој ја грабнал и ја затворил во неговиот сарај. Калина, не сакајќи да се потурчи и да биде жена на агата, една ноќ избегала од сарајот и се упатила кон каменот под Царев Врв. Патот пешаќејчи го поминала за 4 часа. Таа ноќ Калина се фрлила од карпата. Во чест на чесната христијанка Калина, народот ја нарекува карпата Калин Камен. Подоцна, оваа месност била населена од влашки семејства. Се занимавале со сточарство, одгледувале илјадници грла овци, кози, говеда и коњи. Власите кои живееле на Калин Камен се познати по квалитетот на овците, волната и пастрмата.

Секоја година на 28 август, на празникот на манастирот Свети Јоаким Осоговски, власите дарувале по 200 овци и јагниња на манастирот. Но, по нивното иселување пред 65 години, кај месноста Калин Камен може да се забележат само грнци, стомни и предмети, а на поранешните населби денес се изградени капацитети за стадата овци кои се одгледуваат на Осоговските Планини.

Денеска локалитетот прераснува во вистински туристички центар, на самиот локалитет има места за одмор и рекреација, мал спортски терен, неколку објекти за сместување на мали туристички групи. Месноста пружа неповторлива можност за уживање во недопрена природа, богата шумска и тревна вегетација, чист воздух, бистра изворска вода и недогледни видици и пејсажи од кои застанува здивот. Местото е пријатно за рекреативни активности, прошетки и планинарења, а е опкружено со атрактивни локалитети како што се езерата на калин камен, самиот врв Калин Камен висок 1884 метри, месноста Влашки колиби и Влашка мандра, а претставува и најпогодна на точка за искачување до врвот Царев Врв 2085 метри надморска височина. Под врвот Калин камен се наоѓа и еден од двата извора на Дурачка Река, втората по големина река во кривопаланечко.

Повелете, Крива Паланка ве очекува!

Оваа публикација е финансирана од страна на Делегацијата на ЕУ во Косово* во рамки на  ИПА програмата за прекугранична соработка помеѓу Косово и Северна Македонија