Категории

Истражи ја Крива Паланка – Поврзи се со природата – Преглед на настани за втората половина на годината!

Крива Паланка е град во североисточниот дел на Република  Северна Македонија, сместен во областа Славиште, под падините на Осоговските Планини на двата брега на Крива Река.

Името на градот Крива Паланка доаѓа од кривото корито на Крива Река. Поранешното име на градот било Егри Дере, што на турски јазик значи „крива река“. Покасно, зборот „Паланка“ го заменил турскиот збор „дере“.

Градот е еден од помладите градови во државата. Градот бил формиран од Турците, поточно од Бајрам-паша и градот имал важност како воен и одбранбен центар. Тој центар имал за цел да го зајакне тој регион на Македонија. Основањето на градот е забележано во турските документи од 1043 година по муслимански календар или по стандардното христијанско броење во 1633 година. Тој документ, поточно плоча, се чувала на влезот во тврдината и била испишана со арапска азбука. Подоцна плочата се пренела во џамијата што се наоѓала во центарот на градот.

Крива Паланка изобилува со многу богатства но и со многу културни и спортско рекреативни настани. Во продолжение погледнете ја листата на настани која Крива Паланка ја нуди за периодот Јули – Декември.

 

ЈУЛИ

 

  1. Трилатерална погранична средба – Краиште на 12.07

Настанот се одржува секоја година  на 12. Јули (на ден Петровден), е во оррганизација на локалните самоуправи на општините Крива Паланка (Р.Мекедонија), општина Ќустендил (Р.Бугарија) и  општина Босилеград (Р. Србија). Настанот е своевиден народен собор во близина на местото каде трите држави се граничат. Притоа настанот има пригодна музичка програма  со настапи на културно-уметнички друштва од трите земји, на која се промовира музиката, традициите и вредностите од трите погранични општини.

  1. Кривопаланечко културно лето од 20.07 до 20.08

Кривопаланечкото културно лето е манифестација со многубројни уметнички содржини, изложби, промоции на книги, театарски претстави, концерти на сериозна музика, опери, концерти на староградска песна, поетски читања, проекции на филм на отворено и останати културни содржини. Целата манифестација трае околу еден месец во периодот од 20 Јули до 20 Август. Настаните од програмата на манифестацијата се одржуваат на повеже локации во градот, во манастирскиот комплекс – Свети Јоаким Осоговски, Националната установа центар за култура, на двата градски плоштади, во грдскиот парк, локалната установа Градски музеј. Вообичаено манифестацијата секоја година започнува со концерт на староградски песни и серенади „Осоговска староградска вечер.

 

АВГУСТ

 

  1. Музички рок фестивал „Џој фест“ од 23.08 до 25.08

Музичкиот рок фестивал „Џој фест“ е, манифестација која се организира под покровителство на општина Крива Паланка во изминатите осум години во периодот од 23 до 25 август. Идејата, огромната желба, несебичниот труд и напорите на група млади кривопаланчани, интузијасти, рок музичари и вљубеници во рок музиката доведе до тоа во 2012 година да се организира првото издание на Џој фест. Од тогаш фестивалот расте низ годините, растат и заинтересираноста, подршката и апетитите на публиката од градот, регионот, но и пошироко во соседните земји, од каде што доаѓаат гости во голем број.

Џој фест е настан кој на општо задоволство на повеќе генерации нуди одлична програма и полека прераснува во своевидна туристичка атракција и една од ретките можности да се слушне добра музика, да се ужува во целовечерен рок концерт од реномирани имиња во рок музиката и да се биде дел од дружење и забава до раните утрински часови срдечно пречекани од кривопаланчани.

На Џој фест досега продефилираа повеќе балкански музичари и рок групи, како Бајага, Ален исламовиќ и Кад би био Бело Дугме, Рибја Чорба но и поголем дел од македонските групи и бендови како Бени, Ептен, Foolish Green, Conquerin Lion, Smokeshakers, Нокаут, Суперхикс, The Protagonist, Skyrise, Венко Серафимов и Parpl Cepelin, Ареа и Ван Гог, Игор Џамбазов и „Гуру Харе“, Тамара Тодевска,  Студени нозе, кривопаланечкиот RGB, a секако неoдминливи се и локалните бендови.

Бидете тука на големата рок журка за паметење – стои во отворената покана од организациониот одбор, генералниот покровител општина Крива Паланка и секако кривопаланчани.

 

  1. Интернационален фолклорен фестивал „Свети Јоаким Осоговски“ од 25.08 до 27.08

Секоја година традиционално во времетраење од три дена, од 25 до 27 Август во Крива Паланка се одржува интернационалниот фолклорен фестивал „Свети Јоаким Осоговски“.  На фестивалот покрај културно-уметничките друштва од Крива Паланка и Македонија, учество земаат фолклорни ансамбли и културно-уметнички дурштва од повеќе градови во Турција, Србија, Босна и Херцеговина, Словачка, Белгија, Бугарија, Црна Гора, Романија.

Фестивалот секоја година започнува со свечено дефиле на повеќе од двесте фолклористи во колоритни носии на секоја од земјите учесници и автентичните звуци на традиционалните инструменти од повеќе држави од Балканот и Европа. Дефилето завршува на градскиот плоштад каде е и главниот настан, односно претставувањето на учесниците на фестивалот со чекорите и звуците на игри и песни од својата земја и од својот крај, шаренило на бои, обичаи и традиции кои оставаат без зборови.

Организатори на Меѓународниот фолклорен фестивал се локалната самоуправа на општина Крива Паланка и Националната установа Центар за култура, Крива Паланка, се разбира заедно со културно-уметничките друштва од градот. Фолкорот е богатство кое народот го сочувал во текот на илјадници години, обединува култури, традиција, обичаи, гради мостови меѓу народите, а фестивалот е своевиден начин сета таа убавина да се пренесе во незаборавот на идните поколенија.

За времетраење на фестивалот сите гости намерници заедно со жителите на Крива Паланка имаат неповторлива можност одблиску да се запознаат со културата и традициите на различни народи и да уживаат во програмата на фестивалот кој ја негува традицијата, ги разгирува срцата на Паланчани и сите туристи кои во овој период од годината се бројни во Крива Паланка бидејќи самиот фестивал е своевидна увертира пред почетокот на  празничните денови во пресрет на големите празници Успение на Пресвета Богородица и чествувањето на Свети Јоаким Осоговски, светец–заштитник на Крива Паланка.

 

 

 

  1. Чествување на „Свети Јоаким Осоговски“ – Патрон на градот на 29.08

            Секоја година на 29 Август се прославува Свети Јоаким Осоговски. Овој светец се смета за заштитникот на градот, поради што овој ден е прогласен и за празник на општината. Големината на чудотворецот Јоаким и 10-вековното опстојување на Осоговскиот манастир секоја година привлекуваат огромен број гости, како од Крива Паланка и регионот, така и пошироко од соседните земји и од светот. Манастирот го посетуваат не само од христијани, туку и припадници на други вери. Многубројните гости кои на овој ден се бројат во неколку десетици илјади, доаѓаат да му оддадат почит на осоговскиот чудотворец и да присуствуват на верската и општинска слава. Како што е вековна традиција, верниците доаѓаат и престојуваат во манастирот, манастирскиот комплекс и околината ноќта спроти 29 Август , кога се одржува општонароден собор и продолжува во текот на самиот ден 29 Август, кога се главните верски свечености. Во чест на Свети Јоаким Осоговски се организираат повеќе културно – уметнички настани што и претходат на  главната прослава. Овие денови Крива Паланка живее во духот на радоста и взаемното почитување, на секој чекор може да се почувствува гостопримството на кривопаланчани, да се биде дел од добра забава, да се вкуси одличната храна.

 

СЕПТЕМВРИ

 

  1. Меѓународна ликовна колонија „Св. Јоаким Осоговски“ од 05.09 до 09.09

Меѓународната ликовна колонија „Св. Јоаким Осоговски“ – Крива Паланка е единствена од ваков вид во светот, која се одржува во сакрален амбиент. Ликовната колонија како манифестација од областа на уметноста успешно опстојува повеќе од три децении, основана е далечната 1987 година од покојниот академски сликар Петар Мазев, кривопаланечкиот сликар Димитар Стојчевски и Никола Иванов – Балтон.

Традиционално ликовната колонија се одржува секоја година од 05 до 15 септември во живописниот амбиент на манастирскиот комплекс Св. Јоаким Осоговски чие име и го носи. Секоја година на ликовната сесија на колонијата учествуваат повеќе реномирани ликовни уметници од разни држави од светот, акако и локални и домашни автори. Авторите секоја година имаат креативна слобода да творат по слободен тематски пристап, во разни сликарски техники, инспирирани од убавините на природата и духовноста на сакралното амбиентално место во кругот на манастирот и храмовите.

Секој автор е должен да остави две од создадените дела во зборката на колонијата. Досега, во рамки на тридецениското постоење на колонијата создадени се безмалку 500 дела, сочинети во две збирки, една во Центарот за кулутра во Крива Паланка, каде има над двесте дела, а останатите во манастирот, каде има повеќе од 250 слики. Посетителите добронамерници и љубители на уметноста имаат прилика на самото место да ја следат работата на авторите, а традиционално манифестацијата завршува со изложба на делата создадени за време на колонијата.

 

  1. Чествување на раѓањето на пресвета богородица на 20.09

            Вековна традиција во Крива Паланка е чествувањето на големиот христијански празник Рождество на Пресвета Богородица – Мала Богородица. Токму на овој ден е посветена и го носи името „Рождество на Пресвета Богородица“ и најстарата црква во рамки на манастирскиот комплекс  „Св. Јоаким Осоговски“. Секоја година во дворот на манастирскиот комплекс „Св. Јоаким Осоговски“, непосредно до малата црква се собираат голем број верници за да го одбележат овој голем христијански празник. Церемонијата започнува со утринска богослужба и света литургија со која чиноначалствуваат свештенослужители од Кумановско-осоговската епархија и Кривопаланечко архиерејско намесништво. По литургијата во дворот на манастирот пред црквата посветена на Божјата мајка, се осветува вода, а се осветуваат и славските колачи на годинашните куми на празникот, чиј број од година на година е се поголем и во последните години надмина педесет. Бројни верници ги посетуваат храмовите на овој празник што според православната религија е посветен на мајките, но и на сите оние кои се молат за пород. Според преданието, Бог одредил Пресвета Богородица да ја прими блажената вест од ангелот дека ќе го роди Спасителот на светот, синот божји, Исус Христос.

 

  1. Традиционално искачување на РУЕН

Традиционално меѓународно искачување на највискоиот врв на Осоговските планини РУЕН (2252 м), секогаш се огранизира во третиот викенд од Септември со искачување на планинари од повеќе планинарски друштва  од Македонија и Бугарија но и љубители на природата и планинарењето. Искачувањето се одвива од македонската и бугарската страна, а на врвот планинарите од двете земји се сретнуваат и притоа традиционално се презентираат специфичните традиции и култури на двете земји.

 

ОКТОМВРИ

 

  1. Меѓународен театарски фестивал „Свети Јоаким Осоговски“ од 01.10 до 10.10

Општина Крива Паланка во соработка сo Центарот за култура, во рамките на своите програмски определби за промоција на потенцијалите на општината преку развој на културата го организира Меѓународниот театарски фестивал „Свети Јоаким Осоговски“.  Фестивалот успешно опстојува повеќе од 10 години, првото фестивалско издание се одржа во 2009 година, до 2018 година традиционално се одржуваше во месец септември, а од 2019 година се одржува во периодот од 06 до 14 Октомври.

Во изминатите години фестивалската програма континуирано се збогатува со се поквалитетна продукција и денес слободно може да се каже дека кривопаланечката театарска сцена е доволно примамлива и за најреномираните театарски ансамбли и звучни театарски имиња од целиот регион. На фестивалот редовно гостуваат по неколку театарски ансамбли од Бугарија, Србија, Хрватска,  Црна Гора и од повеќе театри од нашата земја, а секако и театарската група од Крива Паланка. Меѓународен театарски фестивал „Свети Јоаким Осоговски“ секоја година доделува награда за особен придонес во македонската театарска уметност и култура.

 

  1. Празник на градот- ден на ослободување на Крива Паланка на 08.10

            На 8 Октомври секоја година се прославува денот на ослободувањето на Крива Паланка од окупацијата во втората сведска војна. Одбележувањето на денот на ослободувањето вклучува низа свечености и културни настани во текот на целиот ден. Чествувањето започнува со положување на цвеќе од страна на повеќе локални, регионални и странски делегации пред спомен бистата на паднатите борци пред општинската зграда, потоа реддовно се одржува свечена седница на советот на општината, при што се доделуваат „Осмооктомвриската награда“ како признание за посебни придонеси кон развојот и заедницата во Крива Паланка. Вообичаено на овој ден програмата е збогатена и со културни, уметнички и спортски збиднувања кои се организираат од страна на локалните културни, просветни институции и од страна на уметничките и спортски клубови.

 

  1. Меѓународен фестивал на староградска музика од 20.10 до 25.10

            Сите љубители на убавата староградска песна, имаат можност две вечери да уживаат и да го почувствуваат духот на едно време на старата кривопаланечка чаршија исполнета со песна, љубов, обичаи и време кога настанаа најубавите страоградски песни, кои и денеска се негуваат и пеат. Меѓународниот фестивал на староградски песни  е во организација на НУ Центар за култура од Крива Паланка и годинава се одржува по четврти пат во периодот од 20 до 25 Октомври. На фестивалот покрај домаќините, Културно-уметничкото здружение „Распеани паланчани“, редовно секоја година настапуваат повеќе здруженија и групи кои ја негуваат староградската песна од регионот, од останатите градови во Македонија, но и пејачки друштва од соседна Бугарија, со интенција како што расте фестивалот да добива и поголема меѓународна димензија. Покрај староградската песна и игра во рамките на фестивалот се организираат и други културни содржини, како што се изложби, ревии и сл.

 

НОЕМВРИ

 

  1. Посети ја испосницата на Св. Јоаким, и пробај традиционална храна во некој од локалните ресторани!

Прошетај по Крива Паланка и околината, посети некој од туристичките локалитети во Крива Паланка, воодушевувај се на раскошот и најди го духовниот мир во  кривопаланечките манастири и цркви. Почувствувај ги убавините на осоговските планини, прекрасната природа, снежните врвови дури и во лето, бујните шуми во лето, а златни мориња од лисја во есен. Вкуси некој од шумските плодови што ти ги нуди планината, малини, печурки, капини, боровинки. Неодминливо пробај традиционална кривопаланечка храна, симит што го има само овде, сарамсаклии со лук и кисело млеко, зелник под вршник, качамак со кравјо масло, надалеку прочуениот паланечки компир. Крива Паланка е можеби мал град но има големо срце, посети ја и увери се.

 

ДЕКЕМВРИ

 

  1. Фестивал на детска песна „Распеано симитче“ од 01.12 до 15.12

Фестивалот на детска песна „Распеано симитче“ е во организација на Центарот за аудиовизуелни уметности од Крива Паланка, а во соработка и со подршка на Општина Крива Паланка. Фестивалот за прв пат е воспоставен во 1998 година, а возобновен по петнаесетгодишна пауза во 2018 година. Досега има четири изданија и повеќе од педесетина рефрени кои оставиле печат врз неколку генерации деца и младинци. Годинава се очекува петтото издание на фестивалот со што недвосмислено се збогатува културната мапа на градот и Македонија со уште еден детски фестивал кој продуцира хитови на новото време што ќе се пеат со генерации. Нема ништо поубаво од детската песна и игра, детскиот џагор и насмевки, тие се израз на искрена љубов и најчист извор на убави чувства и позитивни мисли, затоа  никогаш не е премногу да се посети еден ваков фестивал и да се доживее дел од неговата атмосвера.

 

  1. Новогодишни празнувања од 25.12 до 31.12

Предновогодишните празнувања е певеќедневна манифестација воспоставена во поново време. Се одржува во периодот од 25 до 31 Декември, како увертира пред дочекот на новата година. Настанот го организира Општина Крива Паланка во соработка со Националната установа Центар за култура и Локалната установа Градски музеј од Крива Паланка на повеќе локации низ градот и главниот настан на градскиот плоштад.       Манифестацијата во текот на повеќе денови опфаќа  многубројни културни настани со уметнички содржини, изложби, промоции на книги, концерти  и останати културни содржини. Се спроведува конкурс и се избираат најубаво новогодишно украсена куќа, балкон и излог во Крива Паланка. Манифестацијата традиционално завршува со дневен новогодишен концерт наменет за најмладите и вечерен концерт со настап на повеќе пејачи и групи, и гостување на некое реномирано музичко име од Македонија или од странство за целовечерно уживање на кривопаланчани и сите добронамерници.

Повелете, Крива Паланка ве очекува!

 

Оваа публикација е финансирана од страна на Делегацијата на ЕУ во Косово* во рамки на  ИПА програмата за прекугранична соработка помеѓу Косово и Северна Македонија