Категории

Истражи ја Крива Паланка – Поврзи се со природата – Запознајте ги богатствата кои градот ги нуди (Дел 3)

Крива Паланка е град во североисточниот дел на Република  Северна Македонија, сместен во областа Славиште, под падините на Осоговските Планини на двата брега на Крива Река.

Името на градот Крива Паланка доаѓа од кривото корито на Крива Река. Поранешното име на градот било Егри Дере, што на турски јазик значи „крива река“. Подоцна, зборот „Паланка“ го заменил турскиот збор „дере“.

Градот е еден од помладите градови во државата. Градот бил формиран од Турците, поточно од Бајрам-паша и градот имал важност како воен и одбранбен центар. Тој центар имал за цел да го зајакне тој регион на Македонија. Основањето на градот е забележано во турските документи од 1043 година по муслимански календар или по стандардното христијанско броење во 1633 година. Тој документ, поточно плоча, се чувала на влезот во тврдината и била испишана со арапска азбука. Подоцна плочата се пренела во џамијата што се наоѓала во центарот на градот. Денеска оригиналната плоча се чува во Музејот на Македонија, додека копија од неа се наоѓа во Градскиот музеј во Крива Паланка.

Крива Паланка изобилува со многу богатства и убавини кои вреди да се посетат.

Дојдете и уживајте во прекрасниот амбиент кои го нудат станечките водопади и највисокиот врв на Осоговски планини, врвот Руен. Уживајте и во уникатните фрески и иконостаси кои ги нудат СВ Теодор Тирон, СВ Троица и СВ Никола во с. Градец

Во продолжение запознајте се поблиску за историјатот и можностите на овие туристички атракции кои Крива Паланка ги нуди:

 

Станечки водопади

„Станечки водопад или Станечки водопади“ на Козја Река  (притока на Станечка Река), се наоѓаат во северниот дел на Осоговските Планини, кај с. Станци, 8 км јужно од Крива Паланка. До самото село води асфалтен пат долг 5 км. Потоа се тргнува по патека која води покрај Козја Река и по околу 3 км или 30-тина минути пешачење се доаѓа до големиот Станечки водопад. Амбиентот го красат два водопади, едниот висок 9 метри а другиот 11 метри. Поголемиот, Долен водопад е на надморска височина од 1160 м и функционира во текот на целата година, а со неговата височина тој е најголем постојан водопад на Осоговските планини.

Во подножјето на овој водопад, со вртоложното движење на водата е создаден голем природен базен или џиновски лонец. Од џиновскиот лонец речната вода слаповидно истекува кон помирниот дел на Козја Река, паѓајќи уште 3 м на релативно кратко растојание, така што водата вкупно се спушта 14 м.

Инаку водопадот е релативно пристапен и се наоѓа во густа букова шума, што заедно со бистрата речна вода која се прелева кон околината му дава посебна убавина. Долината на Козја Река е тесна и на одредени места скоро вертикална со изглед на мал кањон, па искачувањето по неа претставува предизвик. Кон исток, долината стрмно се издига кон билото на Калин Камен на околу 1800 м и понатаму кон Царев Врв, што може да биде интересна рута за планинарење.

 

 

 Црква „Свети Теодор Тирон“

Црквата „Свети Теодор Тирон“ во с. Конопница, во непосредна близина на Крива Паланка е изградена во 1885 година и по својата архитектонска концепција претставува редок примерок на градба со „кружни“ архитектонски обрасци од малоазиски односно грузиско – ерменски тип, какви што се црквата во Аламан од 610-617 година и старата Климентова црква „Св. Пантелејмон“ на Плаошник од крајот на 19 век,. Црквата е во форма на рамностран тролист или триконхос, ѕидана е со делкан камен, додека тространата слепа купола е обликувана со конструкција со плитар покриена со малтер. Се претпоставува дека планот за црквата е донесен од мајстори кои работеле во Влашко – Романија.

Културната манифестација Невестинско поклонение на Свети Теодор Тирон, е длабоко вкоренета во поколенијата со што се негува култот кон Свети Теодор Тирон, за кого се верува дека е заштитник на родот и породот.

На манифестацијата, која е од отворен тип,а се оддржува секоја година во неделата, денот по Тодорова Сабота, млади невести кои се омажиле меѓу две Тодорови саботи, придружувани од своите свекрви облечени во автентични народни носии од својот крај, се поклонуваат на светецот молејки се за добра и сигурна рожба.

Манифестацијата претставува своевидна ревија на народни носии и уникатниот обичај во кој во главната улога се снаата и свекрвата.

 

 

„Руен“, највисокиот Врв на Осоговските Планини

Осоговските Планини или Осогово — висок и громаден планински масив кој доминира во источниот дел на Република Македонија.. Врвот „Руен“ е највисок врв на Осоговските Планини со висина од 2252 метри надморска височина. Врвот се наоѓа на самата граница меѓу Македонија и Бугарија.. Од аспект на воената историја се битни старите бункери, кои што ги има повеќе и се користеле во повеќе периоди. Преку Руен е исто така правецот на движење на револуционерните чети, кон и од Бугарија во периодот на Илинденското востание, бидејќи пределот е тешко достапен и турските стражи речиси и да ги немало. Во 1903 година неколку дена по задушувањето на Илинденското востание, кога турските војски спроведувале потера по револуционерите, од тука поминува четата на Ѓорче Петров со повеќе од 130 востаници.

Врвот Руен ја симболизира планината без граници, па така секоја година во месец август на врвот се среќаваат планинари од Македонија и од Бугарија. Притоа се презентираат специфичните традиции и култури на двете општини (Крива Паланка и Кустендил).

Искачувањето на врвот може да се одвива во било кое време од годината за што потребни се околу 2-3 часа од старната точка која се наоѓа кај рудникот Тораница, на некаде 18 км од градот Крива Паланка.

 

 

Црква „Света Троица“

Во село Мождивњак се наоѓа црквата „Света Троица“, со еднокорабна основа, без апсида, со отворен трем на западната и на јужната страна. Помеѓу мештаните постојат преданија според кои, покрај црквата е откопана крстилница и крст со врежана претстава на елен што укажува за можно постоење на постара црква на тоа место. Во помалиот објект до црквата посветен исто така на Светото тројство извира света вода.

Кај самата црква се одржуваат два големи народни собори , за Духовден и за Свети Јован, кој што се посетени не само од локалното население, туку и од гости од Крива Паланка и пошироко

Карактеристично за ова село, е тоа што мештаните го задржале таканаречениот обичај „топачина“. Во пресрет на селската слава на денот на Свети Јован, ноќта на 19 јануари, спроти празникот, мештаните се маскираат и поделени во неколку групи поминуваат до сите куќи во селото, притоа со добар збор, низ игра и песна, од домаќините собираат доброволен прилог во намирници (грав, месо, ракија и слично).

Доцна во ноќтта учесниците откако ќе ги поминат сите куќи, се собираат во објект во непосредна близина на црквата (црковната трапезарија) каде ги оставаат намирниците од кои утредента се приготвува ручек за присутните на народниот собор посветен на Свети Јован.

 

 

 Црква „Свети Никола“ с. Градец

Името на селото Градец, според преданијата доаѓа од некогашната тврдина или „Стар Град“ (од римскиот период) кој се наоѓа во атарот на денешното село. Црквата „Свети Никола“ во атарот на село Градец, Крива Паланка е изградена во 1857 година  и претставува релативно голема еднокорабна градба, со отворен трем на западната и делумно на јужната страна. Во внатрешноста на црквата има столбови кои постигнуваат да се добие облик на трикорабна диспозиција. Таванот е рамен со слепи куполи, од кои три се во централниот кораб. Живописот е изработен во 1876 година од страна на мајсторот Георги Јереј, а денес е делумно зачуван, само во нишата на проскомидијата, каде што е насликана сцената „Симнувањето од крстот“ и  на неа испишан опширен текст од службата на проскомидијата. Во црквата е зачуван и иконостас од дрво, со царски двери, со плитка резба и позлата. Евидентирани се 51 икона.

Црквата во село Градец го прославува празникот Свети Никола. Во состав на црквата постоеле и т.н.„одаи“ односно конаци за секоја од маалите на селото , а во која коначувале и селани од соседните села, кога оделе на најголемиот верски празник на кривопаланечкиот простор, „Свети Јоаким Осоговски“.

 

Повелете, Крива Паланка ве очекува!

Истражи ја Крива Паланка – Поврзи се со природата – Запознајте ги богатствата кои градот ги нуди (Дел 1)

Истражи ја Крива Паланка – Поврзи се со природата – Запознајте ги богатствата кои градот ги нуди (Дел 2).

 

Оваа публикација е финансирана од страна на Делегацијата на ЕУ во Косово* во рамки на  ИПА програмата за прекугранична соработка помеѓу Косово и Северна Македонија