Категории

Истражи ја Крива Паланка – Поврзи се со природата – Запознајте ги богатствата кои градот ги нуди (Дел 2)

Крива Паланка е град во североисточниот дел на Република  Северна Македонија, сместен во областа Славиште, под падините на Осоговските Планини на двата брега на Крива Река.

Името на градот Крива Паланка доаѓа од кривото корито на Крива Река. Поранешното име на градот било Егри Дере, што на турски јазик значи „крива река“. Подоцна, зборот „Паланка“ го заменил турскиот збор „дере“.

Градот е еден од помладите градови во државата. Градот бил формиран од Турците, поточно од Бајрам-паша и градот имал важност како воен и одбранбен центар. Тој центар имал за цел да го зајакне тој регион на Македонија. Основањето на градот е забележано во турските документи од 1043 година по муслимански календар или по стандардното христијанско броење во 1633 година. Тој документ, поточно плоча, се чувала на влезот во тврдината и била испишана со арапска азбука. Подоцна плочата се пренела во џамијата што се наоѓала во центарот на градот. Денеска оригиналната плоча се чува во Музејот на Македонија, додека копија од неа се наоѓа во Градскиот музеј во Крива Паланка.

Крива Паланка изобилува со многу богатства и убавини кои вреди да се посетат.

Дојдете, уживајте и уверете се во убавините и чистиот воздух што ви го нуди локалитетот Калин Камен и Царев Врв, уникатните фрески и икмоностаси на црквите СВ Никола во с. Длабочица и СВ Димитриј, како и урбаната димензија на градот.

Во продолжение запознајте се поблиску за историјатот и можностите на овие туристички атракции кои Крива Паланка ги нуди:

Локалитет Калин Камен

Локалитетот Калин Камен е сместен на падините на Осоговските Планини, на околу 10 километри југоисточно од Крива паланка, над манастирот „Свети Јоаким Осоговски“. Овој локалитет има голем потенцијал за развој на планински туризам. До него се стигнува релативно лесно преку солидно асфалтиран пат. Според легендата, стара неколку векови, се верува дека во кривопаланечкиот регион, во времето на Отоманската империја, живеела млада мома која била најубава од сите девојки. За жал, од нејзината убавина бил воодушевен и турскиот ага кој ја грабнал и ја затворил во неговиот сарај.

Калина, не сакајќи да се потурчи и да биде жена на агата, една ноќ избегала од сарајот и се упатила кон каменот под Царев Врв. Патот пешачејки го поминала за 4 часа. Таа ноќ Калина се фрлила од карпата. Во чест на чесната христијанка Калина, народот ја нарекува карпата Калин Камен.

Денеска, локалитетот прераснува во вистински туристички центар, со места за одмор и рекреација, мал спортски терен, неколку објекти за сместување на мали туристички групи и со можности за планинарски и други рекреативни активности.

Месноста пружа неповторлива можност за уживање во недопрена природа, богата шумска и тревна вегетација, чист воздух, бистра изворска вода и недогледни видици и пејсажи од кои застанува здивот.

 

 

Црква „Свети Димитриј“

Црквата „Свети Димитриј“ се наоѓа во централното градско подрачје во Крива Паланка. Изградена е 1833 год., за што сведочи натписот над западната влезна врата од надворешната страна. По својата архитектонска концепција таа претставува трикорабна базилика со отворен трем на запад и северозапад и ниска полукружна апсида на исток. На јужната страна во 1935 година е изградена камбанарија. Kарактеристично за овој храм е внатрешната организација на просторот.На западниот дел е издигната галерија на кат, чија концепција во форма на буквата П и украсеност на емпоријата повеќе потсетуваат на декоративните ентериери на богатите градски куќи од XVII и XIX век.

Иконостасната конструкција е богато декорирана со флорални мотиви и пејсажи. На неа се поставени три реда икони кои се работени во втората половина на XIX век. Царските двери, чие горно хоризонтално поле е изведено во длабока резба, и Крстот – распетието се позлатени. Живописот на западната фасада, ликовите на архангел Гаврил и архангел Михаил, на јужната односно северната страна, се дело на зографот Димитар Андонов Папрадишки. Во истиот храм евидентирани се околу 104 икони.

Во непосредна близина на црквата се наоѓала Енгеровата куќа каде што во 1817 година било основано првото црковно-келијно училиште каде што учителствувал Јоаким Крчовски, а се школувале тогашните градски првенци.

 

Локалитет „Царев врв“  и објект караула

Царев Врв е вториот по височина врв на Осоговските планини, висок 2085 метри. Осоговските планини се најголемиот планински масив во источниот дел на Северна Македонија, со највисок врв Руен (2225 метри) и повеќе од десет врвови повисоки од 2000 метри, меѓу кои и Царев Врв. Самиот локалитет Царев Врв како и целиот Осоговски масив изобилува со богата тревна и шумска вегетација која е поделена во четири зони, а значајно е постоењето на голем број извори на вода во сите делови од планината. Од изворите на Осоговските планини на територијата на општина Крива Паланка се формираат двете најголеми реки во градот, Крива Река и Дурачка Река. Во непосредна близина, под врвот Царев Врв се наоѓа највисокиот извор (1800 м надморска височина) од каде извира Крива Река, најдолгата и најголема река во кривопаланечко со вкупна должина од 69 км, и сливно подрачје од 984 км2.

Историското значење на пределот е неколкудневното кампување на четата на Ѓорче Петров после отоманските  потери. На самиот врв е лоциран прекрасен објект кој што бил изграден во 30 те години на 20 век,  и бил користен како воено утврдување од страна на Кралството Југославија.

Планинарското друштво Руен, традиционално, секоја година (во последниот викенд од месец јуни) ја организира трансверзалата Царев Врв искачување на царев Врв). Трансверзалата започнува од Крива Паланка, преку манастирот Св. Јоаким Осоговски, оди кон месноста Љуљки, па Света Вода, месноста Калин Камен и врвот Калин Камен, преку Алтн чешма се до врвот Царев Врв како крајна дестинација.

Централно градско подрачје

Централното градско подрачје на Крива Паланка нуди многу можности за одмор и рекреација. Градскиот парк, опкружен со многу дрвја и зеленило, ќе ви понуди уникатно задоволство, слушајки ги притоа и  прекрасните звуци на Крива Река.

Како дел од големиот  парк е и мини деткиот парк, кој нуди неколку забавни содржини за најмладите.

Веднаш под градскиот парк, се наоѓа пешачката патека каде можете да прошетате токму низ кејот на  Крива Река и да уживате во нејзините убавини.

Патеката нуди мoжност и за возење на велосипед, ролери, како и урбана опрема за вежбање.

На сосема другата страна, но на не повеќе од 5 минути од центарот на градот, се наоѓа пешачката патека  Стара вада, која претставува вистинска туристичка атракција, позиционирана на високата периферија на градот, со можности за прошетка, одмор, рекреација, уживање и неповторлива глетка на Крива Паланка.

Централното градско подрачје нуди и неколку кафулиња и ресторани, каде можете да се напиете добро кафе и да ја испробате вкусната храна приготвена од вештите раце на кривопаланечките мајстори.

Црква „Свети Никола“ с. Длабочица

Селото Длабочица се наоѓа близу до главниот пат Крива Паланка – Куманово, на 7 км од Крива Паланка, на ридско-планински предел каде што се наоѓа Црквата „Свети Никола“.

Црквата претставува релативно понова градба. Изградена е на еднокорабна основа во 1928 година, а осветена била истата година на 22 мај од поглаварот на Скопската епархија митрополитот г. Варнава. 

На патрониот празник на црквата, летен (овчи) Свети Никола, населението од селото масовно се собира и организира голем народен собор, а притоа се организираат и други придружни активности. Во подножјето недалеку од патот кој води кон селската црква и училиштето постои параклис и света вода во чест на Св. Илија.

Токму во оваа чест, како селска слава се прославува и  големиот празник Св. Илија – Илинден и по тој повод секоја година на 2 август се организира соборен пречек на околу 1.5 км од асфалтниот пат.

Повелете, Крива Паланка ве очекува!

 

 

Истражи ја Крива Паланка – Поврзи се со природата – Запознајте ги богатствата кои градот ги нуди (Дел 1)  

Истражи ја Крива Паланка – Поврзи се со природата – Запознајте ги богатствата кои градот ги нуди (Дел 3) 

 

Оваа публикација е финансирана од страна на Делегацијата на ЕУ во Косово* во рамки на  ИПА програмата за прекугранична соработка помеѓу Косово и Северна Македонија